Фудбалот мирува, судиите работат под полна пареа

297
Димитар Мечкаровски

Нема пауза за нас, тренираме редовно и подготвени сме, што се вели, уште утре да судиме натпревари, вели Димитар Мечкаровски, македонски фудбалски судија со знакот на ФИФА, а покрај кондициските тренинзи тој и колегите одговараат и на добиените видеотестови од Судискиот одбор на УЕФА

Фудбалот запре во Европа и во светот, суспендирани се речиси сите национални првенства, меѓу нив и во Македонија, запреа и натпреварите во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ). Никој не може да предвиди кога ќе се случи евентуалното продолжување на сезоната 2019/2020, односно сѐ зависи од тоа како ќе се развива ситуацијата со пандемијата на коронавирусот.
Во таква ситуација фудбалерите тренираат сами, изолирани во домашни услови, пред сѐ за одржување на општофизичката кондиција. Во слична ситуација се и фудбалските судии, кои во овој спортски вакуум тренираат за да останат во форма на физички, но и на технички план.

– Нема пауза за нас, тренираме редовно и подготвени сме, што се вели, уште утре да судиме натпревари. Јас и моите колеги, се разбира поединечно, секој ден трчаме во различни периоди и секоја недела добиваме инструкции од нашиот кондициски тренер Сашо Даневски, како и што да вежбаме, и засега добро ни оди – вели Димитар Мечкаровски (45), македонски фудбалски судија со знакот на ФИФА.
Покрај кондициските тренинзи, Мечкаровски и колегите тренираат и дома, поточно одговараат на добиените видеотестови од Судискиот одбор на Европската фудбалска унија (УЕФА).

– Тоа се снимки од натпревари, од различни ситуации во кои судиите треба да реагираат, да донесуваат одлуки и тоа исто така ни помага да останеме во форма. Во постојан контакт сме со Словенецот Владо Шаин, кој е одговорен за судиите во регионот и е еден од главните во Судискиот одбор. Со него се консултираме за сѐ што нѐ интересира. Мислам дека сите сме во добра, да не речам во одлична форма, и подготвени сме веднаш да судиме на кој било натпревар. Никој не може да предвиди кога ќе биде симната суспензијата, ние како и сите други следиме што се случува.

Од УЕФА има најави дека приоритет е завршување на националните првенства, како и комплетирање на ЛШ и на ЛЕ. Ќе видиме што ќе се случи, многу работи зависат од ситуацијата со коронавирусот, но кога ќе се смири работа ние судиите ќе бидеме подготвени – вели Мечкаровски.