Фудбалот е подготвен за многу поразличен Лисабон

45

На секој од осумте тима му е доделен по еден терен за тренинг, а Манчестер сити ги имаше честа или привилегијата да биде сместен во тренинг-центарот на португалската репрезентација, во западниот дел од градот

ЗАВРШНИЦА ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

Последниот пат кога во португалската престолнина Лисабон се играше финалето во Лигата на шампионите (ЛШ), во 2014-та, на мечот меѓу градските ривали Реал и Атлетико имаше 70.000 шпански навивачи, главно од Мадрид, плус 350-те милиони гледачи покрај ТВ-екраните. Шест години од победата на Реал со 4-1, најголемото клупско европско натпреварување речиси во сѐ е поинакво и треба да заврши многу поразлично од сите претходни години.
Португалската полиција очекува да пристигнат најмногу по 200 навивачи на осумте клуба што се квалификуваа за фајналејт-турнирот, кој ќе се одржува во следните две недели. Според најавите од полицијата, навивачите што претходно го посетиле градот ќе се соочат со „многу поинаков Лисабон“ поради коронавирусот, кој ја „нападна“ престолнината повеќе од кој било друг град или дел на Португалија. Како резултат на тоа, во моментов, општото расположение може да се опише како рамнодушност спрема меѓународната фудбалска забава на која локалното население не е покането, пишува британскиот „Телеграф“.

– Подготвени сме за сè, но не очекуваме поголема безбедносна операција за Лигата на шампионите. Ние сме во контакт со нашите европски колеги и информациите што ги добивме покажуваат мало интересирање за патување во Португалија. Како и да е, ова ќе биде многу поинаков Лисабон – објаснува извор со долгогодишно искуство во полициски обезбедувања натпревари во земјата.
Полицијата за јавна безбедност (ПСП) ќе има околу 400 полицајци на улиците и ќе се грижи за безбедноста на тимовите. Ова е поврзано и со засилените карантински мерки што во моментот се во сила за трите милиони жители на Лисабон.

Тоа полициско присуство ќе биде насочено кон создавање „безбедносен прстен“ околу хотелите, терените за тренинг и стадионите „Луж“ и „Жозе Алваладе“ на кои ќе се играат седумте натпревари. На секој клуб му е доделен по еден терен за тренинг, а Манчестер сити ги имаше честа или привилегијата да биде сместен во тренинг-центарот на португалската репрезентација во западниот дел од градот. Други тренинг-терени се оние на Бенфика и на Спортинг, како и некои помали терени на клубови од пониските лиги. Осумте екипи ќе бидат сместени во осум различни хотели со по пет ѕвездички, сите оддалечени педесетина километри од центарот на Лисабон, објави „Телеграф“.
Шампионот Порто е уште една причина за недостигот од локален интерес за натпреварите во ЛШ. Љубителите на фудбалот во Лисабон се однесуваат игнорантски бидејќи Бенфика не го освои шампионатот, а загуби и во финалето на купот од Порто. Спортинг падна на четвртото место на последниот ден од сезоната.
Потоа, тука се и пошироките проблеми што ја погодуваат секоја земја во светот.

Невработеноста во Португалија е четирипати поголема отколку во истиот период лани и неодамна се искачи на 7,4 отсто што е над просекот од 6,7 отсто во целата Еврозона.
Покрај тоа и туризмот, еден секторите од кој доаѓаат главните приливи за приходи во земјата, се распаѓа, особено по одлуката на Владата на Велика Британија да не ја стави земјата на нивниот „безбедносен список“.
Гледачите пред ТВ-екраните се во очекување на визуелно искуство за паметење, за што треба да помогне и инсталирањето на огромниот видеоекран покрај теренот на кој ќе се пренесуваат реакциите на навивачите во живо. Спектаклот нема да изостане, онолку колку што може тоа да биде зад затворените врати, без публика. Но за локалното население ова нема да биде турнир за паметење.


ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ, ДВОЈКИ
СРЕДА
Аталанта – ПСЖ
ЧЕТВРТОК
Лајпциг – Атлетико
ПЕТОК
Барселона – Баерн
САБОТА
Манчестер С. – Лион