Фудбалот влегува во нова ера

167

На СП за жени е забележана рекордна бројка на ТВ-гледачи, зголемени се наградите, има сѐ повеќе спонзори, Бразилката Марта постигна најмногу голови на мундијалите, 17, еден повеќе од Германецот Клосе…

Светското првенство (СП) годинава во фудбал за жени, кое неодамна се одржа во Франција, ги надмина сите очекувања, беа урнати многу рекорди и се покажа дека фудбалот за жени влегува во нова ера. Во продолжение некои бројки забележани на финалниот турнир.

1. Според Светската фудбалска федерација (ФИФА), натпреварите на СП 2019 ги проследиле околу една милијарда гледачи. Мечевите ги пренесувале повеќе од 200 ТВ-куќи во ударните термини, а рекорден број гледачи биле регистрирани во Франција, САД, Германија и во Кина. Речиси 59 милиони луѓе го следеле мечот од осминафиналето помеѓу Бразил и Франција, што е најгледаниот женски фудбалски натпревар на сите времиња. Финалето САД – Холандија привлекло 5,48 милиони на холандската телевизија или 88 отсто од холандските ТВ-гледачи, што е највисока бројка телевизиска публика во таа земја по полуфиналето на СП за мажи во Бразил, во 2014 година. Во Велика Британија, полуфиналниот пораз на Англија од САД го виделе најмногу ТВ-гледачи годинава, 11,7 милиони, што е рекорд кога станува збор за женскиот фудбал во Велика Британија. Четвртфиналниот меч САД – Франција привлекол рекорден број гледачи преку Атлантикот, 6,1 милиони.

2. САД доминираа на турнирот во однос на поставувањето нови рекорди. Американките се закитија со рекордната четврта титула, а една од капитенките, Алекс Морган, го израмни рекордот според бројот на постигнати голови на еден меч на СП, пет, во триумфот над Тајланд, со 13-0, на 11 јуни. Оваа победа на САД е највисока, рекордна во историјата на СП. Карли Лојд постигнуваше голови на шест последователни натпревари на СП, во 2015 и 2019 година, што е нов рекорд. Бразилката Марта, исто така, стана рекордерка со 17 постигнати голови на пет завршни турнири на СП, еден повеќе од Германецот, Мирослав Клосе.

3. Паричните награди се зголемија, но, сепак, не се еднакви со тие за мажите. ФИФА двојно го зголеми наградниот фонд на СП 2019 година, од 15 на 30 милиони долари, но таа сума уште е многу под 400 милиони долари што ги добија учесниците на машкото СП 2018 во Русија. Новиот првак, Франција, доби 38 милиони долари, што е повеќе од она што го добија сите 24 женски репрезентации на годинашното СП. ФИФА најави дека сака да го зголеми бројот на селекциите за следното СП во 2023 година, од 24 на 32, а наградниот фонд да достигне 60 милиони долари.

4. Со подемот на женскиот фудбал, водечките светски комерцијални брендови сѐ повеќе се заинтересирани за спонзорирање. Некои тоа го опишуваат како „културно релевантен“ момент, кој треба да им помогне на компаниите да привлечат нова публика. „Виза“, еден од шесте светски спонзори на ФИФА, вети дека ќе инвестира исто толку пари во маркетинг на машкото и на женското СП. „Лукозаде спорт“, како и „Хед“ и „Шолдерс“, кои се спонзори на Англија, исто така, ветиле еднаквост. „Адидас“ најави дека спонзорираните играчи во победничкиот тим „ќе добијат исти бонуси како и нивните машки колеги“. Сепак, не е јасно колку средства генерира женскиот фудбал, бидејќи главните спонзори се појавуваат и на машките и на женските СП.

5. Независно од динамиката што овој спорт веќе ја има, многу од годинашните мечеви беа крајно интересни и предизвикаа широка дебата на социјалните мрежи. Драмата на теренот, вклучувајќи ги и головите во финишот, употребата на технологијата ВАР, контроверзните прослави, како и расправијата помеѓу американската кокапитенка Рапино и претседателот Доналд Трамп, исто така, послужија за зголемување на интересирањето. Некои од најголемите ѕвезди на турнирот имаат голем број следбеници на социјалните мрежи. Американката Алекс Морган комбинирано има 15,3 милиони следбеници, од кои осум милиони се на Инстаграм, 3,8 милиони на Твитер и 3,5 милиони на Фејсбук. 


Рапино: Време е да го продолжиме разговорот на следно, повисоко ниво

Пред Светското првенство за жени, Светската фудбалска федерација (ФИФА) објави дека биле продадени 950.000 билети, а претседателот Џани Инфантино рече: „Веќе распродадовме 20 натпревари“. Меѓутоа, имаше конфузија откако на првиот меч на Англија, против Шкотска, иако најавен како речиси распродаден, имало само 13.188 гледачи, или 37 отсто од капацитетот на стадионот. Еден ден пред почетокот на четвртфиналните мечеви, ФИФА објави дека има влезници за два натпревара. Сепак, за финалето САД – Холандија во Лион беа распродадени сите 57.900 билети.
– Одигравме неколку неверојатни мечеви, какви што само можете да посакате. Не можеме да направиме ништо повеќе за да ве импресионираме, за да бидеме подобри амбасадори, да играме подобро… Време е да го продолжиме разговорот на следно, повисоко ниво – изјави Меган Рапино, најдобрата фудбалерка на СП, која е најгласна кога станува збор за еднаквоста на жените на сите полиња.