Фудбалер на сезоната 2018/2019: Меси, Роналдо или Ван Дајк?

191

Лионел Меси од Барселона, Кристијано Роналдо од Јувентус и Вирџил ван Дајк од Ливерпул се во најтесниот круг кандидати за признанието најдобар фудбалер на УЕФА за сезоната 2018/2019.

Победникот ќе биде познат за време на ждрепката за групната фаза натпревари во Лигата на шампионите (ЛШ) во Монако, на 29 август. Играчот на сезоната во Лига Европа (ЛЕ) ќе биде објавен следниот ден, на 30 август.

Меси, кој со Барселона ја освои 10-та титула првак на Шпанија, беше најдобриот стрелец во ЛШ со 12 гола и добитник на признанието „Златна копачка“ за најдобар стрелец во Европа, со 36 погодока. Кристијано Роналдо со Португалија триумфира во Лигата на нациите (ЛН), беше и најефикасен на финалниот турнир, а со Јувентус ја освои првата титула во Серија А. Вирџил ван Дајк беше прогласен за најдобар играч на финалниот натпревар во ЛШ, на кој Ливерпул го совлада Тотенхем и ја освои шестата титула првак на Европа. Во средата Ван Дајк со Ливерпул триумфира и во Суперкупот.

Натаму до 10-та позиција следуваат: Алисон Бекер 57 поени, Садио Мане 51, Мохамед Салах (сите Ливерпул) 49, Еден Азар (Челси/ Реал) 38, Матијс де Лихт (Ајакс/ Јувентус) 27, Френки де Јонг (Ајакс/ Барселона) 27 поени и Рахим Стерлинг (Манчестер сити) со 12 поени.

Наградата за најдобар играч на сезоната на УЕФА, без оглед на националноста, се доделува врз основа на настапите и постигнувањата во текот на сезоната на сите натпреварувања, на клупско и на меѓународно ниво.
До скратениот список од тројца играчи се дојде по гласањето на жирито составено од 80-те тренери на клубовите, кои учествуваа во групната фаза натпревари од ЛШ минатата сезона (32) и во ЛЕ (48), плус 55-те новинари од земјите-членки на УЕФА. Членовите на жирито на тројцата играчи за кои гласаа, им даваа пет, три, односно по еден поен. На тренерите не им беше дозволено да гласаат за играчи од сопствениот тим.

Минатата година признанието го доби Хрватот Лука Модриќ, во конкуренција на Роналдо и на Салах. Меси беше петти, а Ван Дајк не беше ниту меѓу првите 10 номинирани.