Фудбалерите на Баерн доминираат на кандидатската листа за наградите на УЕФА

42

Од Баерн во конкуренција се Ноер, Алаба, Дејвис, Кимих, Алкантара, Милер и Левандовски

Фудбалерите на европскиот шампион Баерн доминираат на потесниот список за награди на Европската фудбалска унија (УЕФА) по позиции (голман, одбрана, среден ред и напад) за настапите во Лигата на шампионите (ЛШ), во сезоната 2019/2020. На листата се наоѓаат седуммина играчи на германскиот тим што минатиот месец шести пат стана првак на Европа, објави УЕФА.
Роберт Левандовски, кој беше најдобар стрелец во ЛШ со 15 гола, е кандидат за признанието меѓу напаѓачите, покрај Нејмар и Килијан Мбапе од ПСЖ. Голманот на Баерн, Мануел Ноер, кој на шест меча во ЛШ не прими гол, е во потесниот избор меѓу голманите, заедно со Кејлор Навас од ПСЖ и со Јан Облак од Атлетико.

Давид Алаба, Алфонсо Дејвис и Џошуа Кимих, тројцата од Баерн, се номинирани за наградата за најдобар дефанзивец, а на Тијаго Алкантара и на Томас Милер им се придружи плејмејкерот на Манчестер сити, Кевин де Брујне, на потесниот список со играчи од средниот ред.
Првпат годинава УЕФА ќе избира најдобри по позиции и во ЛШ за жени. Наградите треба да бидат доделени за време на ждрепката за групната фаза во ЛШ, на 1 октомври.