Фудбалерите во строга изолација и со низа забрани

28

На играчите ќе им биде дозволено да ги напуштат хотелите само со претходна согласност, но и тогаш не смеат да контактираат со никого надвор од нивната група

Пандемијата на ковид-19 го загрози играњето натпревари поради што Европската фудбалска унија (УЕФА) на осумте екипи и на нивните официјални лица во Лисабон им наложи стриктно придржување кон правилата содржани во документот на 31 страница, објави „Би-би-си“.
На играчите ќе им биде дозволено да ги напуштат хотелите само со претходна согласност, но и тогаш не смеат да контактираат со никого надвор од нивната група. Во хотелите, играчите треба да имаат одделни правци на движење и области за јадење, а храната ќе треба да им ја сервираат само службените лица на тимот. За облеката и за опремата на играчите ќе може да се грижи само тимскиот персонал.

Тестовите за коронавирусот ќе мора да бидат направени пред да заминат клубовите за Португалија, а на позитивните нема да им беше дозволено да патуваат. Тестови ќе се прават и во Лисабон, еден ден пред секој натпревар. УЕФА вети дека резултатите ќе бидат доставени најдоцна шест часа пред почетокот на мечот.
Според правилата на УЕФА, доколку тимот може да наведе 13 играчи на „списокот“, плус голман, натпреварот ќе се игра. Ако не може да го стори тоа, ќе им биде дозволено да достават нови списоци, со нови имиња. УЕФА би разгледувала и потенцијално презакажување на некој меч, но со оглед на тоа дека финалето „мора“ да се одигра на 23 август, за очекување е дека доколку некој тим има проблеми околу составот да го загуби натпреварот.

Покрај тестовите за коронавирусот, постојат и антидопинг-тестови. За да му се овозможи на службеникот да гледа од дистанцирана положба, за играчите ќе има огледало поставено спроти тоалетот!
Авионите и автобусите мора да бидат детално дезинфицирани и, „за да се минимизира контакт со пошироката јавност“, играчите при пристигнувањето на аеродромите ќе ги користат ВИП-областите. Правилата за напуштање на автобусот се помалку гламурозни. Треба да се користи централната, не предната страна. Фудбалерите што сакаат да разменуваат дресови по натпреварите ќе бидат разочарани, оти тоа е забрането.