Флик како Гвардиола, Баерн сѐ поблиску до осма титула во низа

53
Ханси Флик

Лидерот Баерн направи голем чекор кон освојување на титулата во фудбалската Бундес-лига, победувајќи ја во дербито на гости второпласираната Борусија Дортмунд со 1-0, со голот на Џошуа Кимих во 43-та минута.
Ханси Флик ја прокнижи 15-та победа на првите 18 натпревари во Бундес-лигата (седма едноподруго, 13-та на последните 14 меча), на тренерската клупа на Баерн, со што се израмни со Пеп Гвардиола. Последниот пораз на Баерн во сите натпреварувања, од Борусија Менхенгладбах (1-2), се случи на 7 декември по што следуваше серијата на непобедливост.

– Јас не живеам во иднината, туку овде и сега, тоа е важно. Сакавме да победиме и да направиме голем чекор напред и го сторивме тоа. Бевме фокусирани, одлучни и храбри. Задоволен сум од мојот тим – изјави Флик.
Голманот на Баерн, Мануел Ноер, го одигра 400-от натпревар во Бундес-лигата. Од дебито во сезоната 2006/2007, ниеден играч нема одиграно повеќе натпревари во Бундес-лигата од него.

Борусија последната шампионска титула ја освои во 2012 година под водство на сегашниот менаџер на Ливерпул, Јирген Клоп. Оттогаш па наваму доминира Баерн, кој е многу блиску до освојување на осмата последователна титула.