ФИФПРО бара мал и голем одмор, ограничување на бројот на мечевите…

48

Препораките на ФИФПРО вклучуваат воведување задолжителни паузи од четири недели во лето и две во зима, ограничување на бројот на блок-мечевите во сезоната со помалку од пет дена помеѓу двата дуела, разгледување на опцијата дали да се наметнат годишни ограничувања за бројот на натпреварите за секој играч…

Некои професионални фудбалери играат на речиси 80 натпревари и патуваат повеќе од 100.000 километри секоја година за да ја претставуваат својата репрезентација, бидејќи календарот за натпревари станува сѐ погуст, покажува новото истражување на Светската фудбалска унија (ФИФПРО). Со оглед на тоа што фудбалските власти се борат да им дадат максимална изложеност на своите натпреварувања, врвните играчи се соочуваат со сѐ пократки периоди за одмор, при што некои добија пауза од помалку од две недели, покажало истражувањето на ФИФПРО.

Во извештајот има статистика од распоредот на натпреварите, времето за патување и за закрепнување на примерок од 16 играчи од Европа, Азија, Јужна и Северна Америка и од Африка, кои играат во повеќе клупски и репрезентативни натпреварувања. Во извештајот се наведуваат и резултатите од неодамнешното истражување на повеќе од 500 водечки фудбалери. Некои податоци покажуваат, на пример, дека Хјунг-Мин Сон (Тотенхем и Јужна Кореја) одиграл 78 натпревари и патувал повеќе од 110.000 километри за да ја претставува својата репрезентација, Ласе Шоне (Ајакс и Данска) имал помалку од две недели одмор помеѓу СП 2018 и почетокот на претсезонските тренинзи со својот клуб, Алисон Бекер (Ливерпул и Бразил) одиграл 72 натпревари и отпатувал 80.000 километри за да ја претставува својата репрезентација, без пауза на полусезоната, Иван Ракитиќ (Барселона и Хрватска) одиграл речиси три четвртини од своите 68 натпревари без препорачаните пет дена одмор помеѓу, Садио Мане (Ливерпул и Сенегал) играл на 70 натпревари и поминал 100.000 километри за да ја претставува својата репрезентација, без паузата на полусезоната, пишува во статијата на ФИФПРО.

Извештајот дава препораки за заштита на долгорочното здравје на елитните играчи и заштита на натпреварувањата. Овие препораки вклучуваат воведување задолжителни паузи од четири недели помеѓу две сезони и две недели во зима, со препорака тие да се вметнат во меѓународниот календар. ФИФПРО бара и ограничување на бројот на блок-мечевите во сезоната што има помалку од пет дена помеѓу два меча, разгледување дали да се наметнат годишни ограничувања за број на натпревари за секој поединечен играч за да се заштити нивното здравје и форма и развивање систем за рано предупредување за да се следи оптоварувањето на натпреварите и да се помогне при планирањето.

– Иако веќе неколку години сме свесни за зголемувањето на притисокот врз врвните играчи, овој извештај јасно го истакнува обемот на овој притисок денес. За да се исполнат барањата од календарот на натпревари, од играчите се бара постојано да играат, без доволно време за одмор. Ова значи дека тие не можат да настапат на највисоко ниво и, уште полошо, дека некои се борат со постојани периоди на ментален и на физички напор. Научните истражувања потврдуваат дека здравјето на врвните играчи е изложено на ризик поради денешниот згуснат распоред на натпревари. Очекуваме сите фудбалски чинители да почнат да работат заедно за да воспостават заштитни мерки, кои ќе го намалат притисокот врз оние играчи што го претставуваат врвот на фудбалот, за да се заштитат нивното здравје, нивните кариери и самата игра – вели Тео ван Сегелен, генерален секретар на ФИФПРО.