ФИФА: Фудбалот ќе биде сосема поинаков додека не се открие вакцината

40

Од ФИФА велат дека секој што е вклучен во организирањето фудбалски натпревари има „одговорност“ да го спречи ширењето на коронавирусот, пишува „Би-би-си“

Фудбалската средина ќе биде „сосема поинаква“ сѐ додека не се открие вакцината против коронавирусот, им порача Светската фудбалска асоцијација (ФИФА) на своите земји-членки. Исто така, за очекување е дека редовното тестирање „најверојатно“ ќе стане дел од фудбалската игра во иднина, а физичкото растојание долгорочна реалност, пренесува „Би-би-си“.
Збир „медицински размислувања“ беа разработени од специјална работна група на ФИФА и испратени до здруженијата, како и алатка за процена на ризикот што ќе им помогне на земјите да утврдат кога е безбедно да продолжат со фудбалот. ФИФА вели дека секој што е вклучен во организирањето фудбалски натпревари има „одговорност“ да го спречи ширењето на коронавирусот.

– Планирањето за безбедно рестартирање на фудбалот мора да почне сега, имајќи ги предвид здравствените, социјалните и економските придобивки од играта на глобално ниво. Фудбалските управни тела мора да соработуваат и внимателно и методично да се подготват за постпандемиското враќање на фудбалските активности – велат од ФИФА.
Пораката на ФИФА следува откако Премиер-лигата најави продолжување на прекинатата сезона на 17 јуни. Прва натпреварите ги продолжи германската Бундес-лига, а на добар пат да го сторат тоа се и шпанската Ла лига и италијанската Серија А. Европската фудбалска унија (УЕФА) се надева дека ќе ги комплетира Лигата на шампионите и Лига Европа во август.

Упатството, заеднички напор во соработка со Светската здравствена организација (СЗО) и другите заинтересирани страни, го опфаќа целиот спорт, од аматерски до меѓународен фудбал. Тестирањата се разликуваат помеѓу лигите, но во упатството се вели: „Во иднина, редовното тестирање, најверојатно, ќе биде дел од групните тренинзи, на натпреварите и на патувањата“.

Процената на ризикот бара детално планирање на настаните, вклучувајќи и кој би користел опрема за лична заштита, детални планови за чистење и планови за изолација на позитивните случаи. Тоа е специјално приспособено за фудбалот од алатката за процена на ризикот, составена од СЗО, за масовни собирања на настани. Откако организаторите ќе ги внесат ризиците и ублажувањата, ќе им се даде „целосен резултат на ризик“ за настанот, кој се движи од „многу низок“ до „многу висок“.
ФИФА го охрабрува планирањето за враќање на сите нивоа на фудбалот, но истакнува дека тоа не треба да го загрозува здравствениот систем или здравјето на вклучените, пишува „Би-би-си“.