ФИФА сѐ повеќе го одврзува мундијалското ќесе

30

Светската фудбалска федерација (ФИФА) соопшти дека на 416 клуба од 63 земји им исплатила 209 милиони долари, или дневно по 8.530 долари за секој од 736-те фудбалери што настапиле на Светското првенство (СП) во Русија. До сумата од 8.530 е дојдено на тој начин што се пресметани деновите што секој играч (вкупно 736) ги поминал на СП, почнувајќи од две недели пред СП, па до денот по последниот натпревар на неговата репрезентација.

Станува збор за програма што постои од СП 2010, односно за тогашниот договор за соработка помеѓу ФИФА и Асоцијацијата на клубови од Европа (ЕКА). За тоа СП клубовите чии фудбалери настапиле на СП 2010 од ФИФА добија 40 милиони долари. Четири години подоцна вкупниот награден фонд за клубовите порасна на 70, а на СП во Русија на 209 милиони долари.

На листата меѓу првите 10 клуба што имале најмногу играчи на СП се Манчестер сити (пет милиони долари), Реал (4,8), Тотенхем (4,4), Барселона (4,1), ПСЖ (3,9), Челси (3,8), Манчестер јунајтед (3,6), Атлетико (три), Јувентус (три) и Монако (2,9 милиони долари). Клубовите добиваат надомест и доколку нивните фудбалери не одиграат ниту една минута на СП.

Вкупниот награден фонд на СП 2018 изнесуваше 400 милиони долари (358 милиони на СП 2014) од кои новиот светски првак Франција доби 38, а вицепрвакот Хрватска, 28 милиони долари. Француските медиуми по СП објавија дека секој фудбалер за освоена титула ќе биде награден со по 330.000 долари. ФИФА им остава одврзани раце на националните федерации сами да ги одредуваат премиите за своите фудбалери.

Од 2012-та ФИФА ја презеде обврската да ги осигурува играчите од повреди додека тие им се на располагање на матичните репрезентации. Тие се обврзани да плаќаат до 30.000 долари дневно за евентуална повреда.