ФИФА понуди упатства за решавање на проблемот со платите

38

Главните принципи треба да бидат „гарантирање некаква форма на исплата на платите на играчите и на тренерите, избегнување парници, заштита на договорната стабилност, да се обезбеди клубовите да не банкротираат и да се размисли за финансиското влијание на коронавирусот врз клубовите“, објави агенцијата „Ројтерс“

Светската фудбалска федерација (ФИФА) се подготвува за справување со поплаките и со жалбите во врска со намалувањето на платите на играчите, со упатства за клубовите и за фудбалските тела што бараат начини за намалување на трошоците за време на паузата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, објави агенцијата „Ројтерс“, повикувајќи се на извори од ФИФА.

Во врска со прашањето за намалување на платите на играчите се разви голема полемика во Англија, за разлика од други земји, како што се Германија, Италија и Шпанија, каде што играчите прифатија привремено намалување. Иако е запрен фудбалот низ целиот свет, ФИФА е свесна дека ќе мора да се справува со низа теми. Нејзините упатства налагаат намалувањата да бидат „сразмерни“, пишува „Ројтерс“. Работната група за коронавирусот на ФИФА на состанокот минатата недела се усогласила за широк спектар прашања, сумирани во документот, вклучувајќи и дека договорите за играчи што истекуваат во јуни треба да бидат продолжени до крајот на која било продолжена сезона. Во интерните документи се забележува дека договорите треба да бидат во согласност со националното законодавство и со спецификите во секоја земја, но и дека се сака избегнување поголеми разлики меѓу слични лиги и клубови. Исто така, ФИФА ги повикува клубовите, лигите и играчите да постигнат „соодветни колективни договори“.

Главните принципи што стојат зад ваквите зделки треба да бидат „гарантирање некаква форма на исплата на платите на играчите и тренерите, избегнување парници, заштита на договорната стабилност, да се обезбеди клубовите да не банкротираат и да се размисли за финансиското влијание на коронавирусот врз клубовите“, пишува „Ројтерс“.
Клучно, во документот се наведува дека таму каде што клубовите и вработените не можат да постигнат договор и кога „националното законодавство не ја опфаќа ситуацијата или колективните договори не се применуваат“, едностраните решенија за промена на договорите „ќе бидат признаени само кога ќе се сметаат за разумни“ од Комората за решавање спорови на ФИФА или од Комитетот за статус на играчи. „Разумната“ договорна промена треба да ги има предвид економската состојба на клубот, пропорционалноста на какво било менување на платите и нето-приходот на вработениот по тој амандман, пишува во документот ФИФА на кој се повикува „Ројтерс“.

ФИФА, исто така, ќе има предвид дали одлуката важи за целиот состав или само за конкретни вработени и дали клубот се обидел со добра волја да постигне меѓусебен договор со вработените. Документот на ФИФА што ги сумира ставовите на Работната група ќе биде доставен до Советот на ФИФА за одобрување. Портпаролот на ФИФА рече дека не е во состојба да коментира бидејќи предлогот е доставен до Советот.
Работната група за коронавирусот е составена од луѓе од најразлични профили, вклучувајќи ја и администрацијата на ФИФА, од конфедерации, национални федерации, Европската клупска асоцијација, од синдикатот за играчи и од Светскиот форум за лиги.

Групата понуди и алтернативен пристап во кој „сите договори меѓу клубовите и вработените треба да бидат „суспендирани“ во периодот на прекин на натпреварите доколку постои соодветно осигурување или соодветни алтернативни аранжмани за поддршка на приходите на вработените во текот на тој период. Групата се согласи дека преодните рокови треба да бидат приспособени и да ги одразуваат променетите датуми на сезоните, при што приоритет им се дава на тимовите што ја завршуваат сезонава со постојниот состав.