ФИФА: Ковид-19 ќе го чини фудбалот 14 милијарди долари годинава

15

Најбитната работа ќе биде дали ќе се развие вакцина, потоа ќе бидат потребни медицински и други средства за целосно да се скроти пандемијата, а сето тоа е неизвесно. Не можеме да исклучиме полоши сценарија, засега работиме врз основа на сегашното сценарио, вели Рен од ФИФА, која заедно со финансиските консултанти проценила оти клупскиот фудбал во светот моментно вреди помеѓу 40 и 45 милијарди долари

Пандемијата на ковид-19 на клупскиот фудбал во светот годинава може да му нанесе штета од 14 милијарди долари, што е околу една третина од неговата вкупна вредност, изјави еден од челните луѓе во Светската фудбалска федерација (ФИФА), Оли Рен, пренесува „Ројтерс“.
Рен, кој е претседател на комисијата на ФИФА формирана за справување со последиците од пандемијата на коронавирусот, рече дека ФИФА, заедно со финансиските консултанти, проценила оти клупскиот фудбал во светот вреди помеѓу 40 и 45 милијарди долари.
Тој додава дека бројката од 14 милијарди долари се базира врз сегашното сценарио, според кое, фудбалот полека се рестартира по тримесечната пауза, но доколку пандемијата не запре, тоа ќе биде сосема „друга игра“.
– Фудбалот беше многу погоден од пандемијата на коронавирусот.

Тоа создаде многу превирања на различни нивоа, а повеќе професионални клубови се соочуваат со многу сериозни тешкотии. Јас сум многу загрижен за младинските академии и за клубовите од пониските лиги – изјави за „Ројтерс“, Рен, поранешен комесар на ЕУ, сега гувернер на Банката на Финска.
ФИФА издвои 1,5 милијарда долари за да се справи со проблемите што ги предизвика ковид-19. Рен рече дека 150 од 211 земји-членки досега аплицирале за средства и дека фудбалот полека се буди, но и оти не може да се исклучат нови проблеми.
– Најбитната работа ќе биде дали ќе се развие вакцина и како ќе се користи.

Потоа ќе бидат потребни медицински и други средства за целосно да се скроти пандемијата на коронавирусот, а сето тоа е неизвесно. Не можеме да исклучиме полоши сценарија доколку пандемијата продолжи со сличен интензитет следната година. Засега работиме врз основа на сегашното сценарио – вели Рен.