ФИФА истражува дали Челси правел недозволени зделки со млади играчи

94

Светската фудбалска федерација (ФИФА) го истражува работењето на премиерлигашот Челси на трансфер-пазарот и можните прекршувања на правилата во однос на повеќе од 100 странски играчи на возраст под 18 години. Дисциплинците на ФИФА ја спроведуваат втората фаза од истрагата за тоа како Челси ги регистрирал играчите во нивната академија во минатите неколку години. Доколку се утврдат неправилности можно е ФИФА да му забрани на Челси каква било активност на трансфер-пазарот во следните две години и со парична казна од 500.000 швајцарски франци, објави британскиот весник „Гардијан“.

Основното правило на ФИФА вели дека клубовите не можат да ангажираат играчи под 18 години од други земји, освен ако нивните родители не емигрирале од причини што не се поврзани со фудбалот или ако играчот и клубот се наоѓаат на оддалеченост до 50 км од границата. Според членот 19, единствениот исклучок е за трансфери во Европската Унија или во Европската економска област, за играчи на возраст меѓу 16 и 18 години.

Челси тврди дека мнозинството од 100-те случаи се краткорочни пробни престои во нивната академија, на играчи што потоа не потпишале договори. Тие тврдат дека нема закон против проби на странски играчи под 18 години и оти тоа е вообичаена практика низ Европа.

Истрагата, прва од ваков вид во клуб на Премиер-лигата, е комплексна, со висок степен на комуникација помеѓу Челси, ФИФА и Фудбалската асоцијација (ФА). Покрај Челси уште четири клубови во Премиер-лигата, чии имиња не се објавуваат, во моментов се под истрага. ФИФА веќе го истражуваше работењето на Барселона, Реал и Атлетико поврзано со потпишувањето договори со малолетни фудбалери. ФИФА разгледуваше 183 случаи на такви зделки на Атлетико од кои 153 биле потврдени и клубовите мораа да апстинираат од неколку преодни рока, пишува „Гардијан“.