Финалето за пласман во Премиер-лигата е „најбогатиот меч“?

95

Разигрувањето за пласман во Премиер-лигата, особено финалниот меч, е еден од најдоходните во фудбалот и го нарекуваат „најбогатиот натпревар“. Во плејофот ќе играат Брентфорд – Свонси (на 26 и 29 јули) и Фулам – Кардиф (на 27 и 30 јули). Финалето е на „Вембли“ на 4 август

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА, ДИВИЗИЈА ЧЕМПИОНШИП

Лидс и ВБА си обезбедија пласман во Премиер-лигата, а третиот тим во елитата, од англиската фудбалска дивизија Чемпионшип, ќе биде познат по одигрувањето пет натпревари во плејофот во наредните десетина дена. Играат Брентфорд – Свонси (на 26 и 29 јули) и Фулам – Кардиф (на 27 и 30 јули). Финалето треба да се игра на стадионот „Вембли“ на 4 август.
Разигрувањето за пласман во Премиер-лигата, особено финалниот меч, е еден од најдоходните во фудбалот и го нарекуваат „најбогатиот натпревар“. Годинава ковид-19 си го стори своето, стадионите се празни, но и покрај тоа заработката нема да биде мала. Триумфот во плејофот и пласманот во Премиер-лигата на клубот му носат заработка од над 170 милиони фунти или над 200 милион евра (лани), главно пари од ТВ-правата што 20-те клуба ги делат меѓу себе. Годишно и најслабопласираните клубови добиваат над 80 милиони евра (лани Хадерсфилд, Фулам и Кардиф добија по 82,3 милиони фунти), плус солидарните бонуси при евентуално испаѓање за да се „снајдат подобро во понзиок ранг“ во следните три сезони.

Брентфорд, тимот од истоимениот град во околината на Лондон, се смета за фаворит во оваа конкуренција, поради квалитетот и поради статистиката, која вели дека третопласираните екипи имале најмногу успеси последниве години, победувајќи четири пати на претходните 10 плејоф-дуели. „Манибол“ терминот за фудбалски клуб најмногу се однесува на Брентфорд, поради користењето аналитика и статистика, пишува „Форбс“. Тие беа трети сезонава со буџет многу помал од некои од нивните ривали. Брентфорд постигна најмногу голови во регуларната сезона, а најзаслужни се напаѓачите Саид Берама, Оли Воткинс и Брајан Мбеуно, кои заедно чинеа 13 милиони долари. Зад сцената, „резервистите“ беа непроценливи, при што Брентфорд воведе уникатен систем за „тим Б“, кој не игра во лигата за резервисти, туку патува низ Европа играјќи пријателски дуели против различни ривали.

Фулам играше добро сезонава. По лошата сезона во Премиер-лигата Фулам ги отпушти или ги позајми повеќето од скапите инвестиции, но што е поважно успеа да ги задржи клучните играчи како Александар Митровиќ, првиот стрелец сезонава со 26 гола, Том Кирни, и да се засили со Ентони Нокарт. Кардиф стигна до плејофот играјќи, пред сѐ, борбено. Кардиф е на дното според поседот на топката, но е на врвот според воздушните дуели. Кога ќе ја освојат топката, многу брзо напаѓаат и се опасни при прекините на играта. За вториот велшки тим во плејофот, Свонси, сезоната се смени прекуноќ со заемот на младиот напаѓач, Риан Брустер во јануари од Ливерпул. Тој постигна неколку решавачки гола, вкупно осум на 16 меча. Покрај Брустер, одлично играше и Андре Ају и имаше 15 гола и шест асистенции.