Фаворитот Македонија оди на нова победа над Лихтенштајн

63
Игор Ангеловски Фото: Игор Бансколиев

Очекувам добро подготвени и концентрирани да влеземе во тој меч и да го добиеме. Потоа ќе размислуваме за Ерменија, вели селекторот Ангеловски

Дамјан Шишковски, Аријан Адеми и Ферхан Хасани се тројцата нови фудбалери, всушност повратници, на списокот на селекторот Игор Ангеловски за претстојните два натпревара на Македонија во групата 4, лига Д, во Лигата на нациите против Лихтенштајн во Скопје на 13 октомври (20.45 ч.) и три дена подоцна на гости против Ерменија. Македонија во првите две кола забележа две победи, во септември, со Гибралтар на гости и со Ерменија дома, со по 2-0.

– Фаворити сме против Лихтенштајн, не бегаме од таа улога и ќе сториме сѐ што е до нас да имаме максимален ефект по трите кола. Очекувам добро подготвени и концентрирани да влеземе во тој меч и да го добиеме. Потоа ќе размислуваме за Ерменија. Имаме стандарден состав, Шишковски е третиот голман, Адеми и Хасани се враќаат по повредите, со нив се зголемува конкуренцијата во средниот ред. Под прашалник е Дарко Велковски, кој има повреда на бутниот мускул – рече Ангеловски.
Македонија очекувано ги доби првите два меча, но прикажаната игра не беше на некое повисоко квалитативно ниво.

– Да, така беше, но иако не одигравме најдобро, ги добивме двата меча, што ме радува. Би бил презадоволен да биде така и на следните два натпревара, да не бидеме во најдобро издание, а да победиме. Идеална ситуација е да се игра добро и да се победува – рече Ангеловски.

Собирот на репрезентативците е закажан за в понеделник напладне, а првиот тренинг е предвиден за 19 часот. Македонија и Лихтенштајн досега одиграа седум меѓусебни средби, Македонија победи во шест, а еден меч заврши нерешено. Двете репрезентации се сретнаа и во квалификациите за Светското првенство годинава во Русија, а во двата меча победи Македонија – 3-0 на гости, 4-0 дома.