Фаворитите безбедни, трка за втори места и за Лига Европа

89

Со вечерашните осум последни меча од шестата рунда завршуваат натпреварите во групната фаза сезонава во Лигата на шампиони (ЛШ) во фудбал. По петтото коло, осум тима обезбедија пласман во осминафиналето, и тоа Манчестер сити, Тотенхем, ПСЖ, Баерн, Јувентус, Реал, Барселона и Лајпциг, на кои ќе им се приклучат уште осум, од тоа четири вечерва.

Од вечерашните осум натпревари, некои имаат формален карактер, барем што се однесува до освојување на едно од првите две места што водат во следната, нокаут-рунда. Во групите А и Б, ПСЖ и Реал, односно Баерн и Тотенхем веќе се меѓу најдобрите 16. Од групата Ц и Д, првите места ги обезбедија Манчестер сити и Јувентус.

За второто место во групата Ц конкурираат три тима, Шахтар (шест бода), Динамо Загреб (пет) и Аталанта (четири). Во групата Д, Атлетико (седум бода) со победа во Мадрид над Локомотив оди понатаму, а Баер (шест бода) е во комбинација ако го победи Јувентус, но и доколку Атлетико киксне.
За тимовите што ќе завршат на третата позиција утеха ќе биде настапот во Лига Европа. Тоа се Бриж или Галатасарај (група А), Црвена звезда или Олимпијакос (група Б), Шахтар, Динамо или Аталанта (група Ц) и Атлетико или Баер (група Д).