Утре ждрепка за клупското СП во Катар

67

На турнирот, кој последен пат ќе се одржи во сегашниот формат, треба да настапат Баерн, Ал Ахли, Улсан, Тигрес, Ал Духаил и победникот од дуелот Палмеирас – Сантос. Окланд од Нов Зеланд, претставникот на Океанија, го откажа настапот. На досегашните 16 турнири во организација на ФИФА имаше 10 различни победници

ФУДБАЛ

Во седиштето на Светската фудбалска федерација (ФИФА) во Цирих, за утре во 16 часот е закажана ждрепката на двојките за завршниот турнир на 17. клупско Светско првенство (СП), кое треба да се одржи од 1 до 11 февруари во Катар. На него ќе настапат шест екипи, шампионите на пет конфедерации на ФИФА и првакот на земјата домаќин, Катар. Тоа се Баерн, Ал Ахли, Улсан, Тигрес, Ал Духаил. Последен ќе биде познат претставникот на Јужна Америка, по финалниот меч помеѓу Палмеирас и Сантос, на 30 јануари, во Рио. Окланд од Нов Зеланд, претставникот на Океанија го откажа настапот поради безбедносни причини и рестриктивните мерки на ковид-19 во таа земја.
На досегашните 16 турнири во организација на ФИФА имаше 10 различни победници. Европските клубови триумфираа 12 пати, а јужноамериканските четири пати. Прашањето е која екипа и од која конфедерација ќе ја освои титулата на турнирот, кој последен пат ќе се одржи во сегашниот формат.
Првото клупско СП во ваков формат се одржа во 2000 година, во Бразил. Тоа беше храбар потег за глобализирање на клупскиот фудбал и совршена можност да се ужива во играта на толку многу талентирани фудбалери собрани на едно место. Во Рио де Жанеиро и во Сао Пауло настапија осум клуба од четири агли на Земјинава топка. Меѓу големите фудбалски клупски имиња таму беше најтрофејниот Реал Мадрид, како и Манчестер јунајтед, кој претходната година освои три трофеи, во ЛШ, во Премиер-лигата и во ФА-купот. На крајот, во финалето се сретнаа двата бразилски тима Васко да Гама од Рио и Коринтијанс од Сао Пауло. По голема тактичка битка и без голови по 120 минути игра, пред 73.000 гледачи на легендарниот стадион „Маракана“ во Рио, победи Коринтијанс, на пенали со 4-3. За Коринтијанс тогаш играа Вампета, Фреди Ринкон, Еду, Дида и Едилсон.

Потоа мораше се почека четири години до следниот турнир, во Јапонија, во 2005 година. И, како и на првиот турнир, титулата ја освои тим од Бразил, овој пат Сао Пауло. Една година подоцна, Интернационал де Порто Алегре ја комплетира бразилската „тројка“, но потоа, освен вториот триумф на Коринтијанс во 2012 година, секое друго име на трофејот е од Европа. Рекордер е Реал Мадрид со четири титули, пред големиот шпански ривал Барселона со три и Коринтијанс со две. Со титулата светски првак може да се пофалат уште седум екипи, вклучувајќи го и Баерн, кој годинава има шанса вторпат да триумфира. Што се однесува до најдобриот стрелец во историјата на турнирите, тоа е Кристијано Роналдо, со седум гола, Герет Бејл има шест, Лионел Меси, Луис Суарез и Цезар Делгадо по пет итн. 


Интерконтиненталниот куп претходница на клупското СП

Од 1960 до 1979 година се одржуваше т.н. Европско-јужноамерикански куп, во кој се среќаваа победниците во Купот на европските шампиони (КЕШ), потоа во Лигата на шампионите (ЛШ) и победниците во Копа либертадорес, кои играа по два меча, дома и на гости. Од 1980 година до 2004 година се играше само по еден натпревар, во Токио. Победниците во сите медиуми беа оквалификувани како светски прваци, што пред неколку години го прифати и ФИФА, во недостиг од свое натпреварување во тој период.


ПОБЕДНИЦИ НА КЛУПСКОТО СП НА ФИФА

Реал Мадрид 4
Барселона 3
Коринтијанс 2
Сао Пауло 1
Интернационал 1
Милан 1
Манчестер Ј. 1
Интер 1
Баерн 1
Ливерпул 1
клупското СП на ФИФА првпат се играше во 2000 година, а потоа редовно од 2005 г.