Ултрасите го уценувале Јувентус

81

Претседателот на Јувентус, Андреа Ањели сведочел дека ултрасите на клубот го уценувале италијанскиот шампион со закана со навредувачки песни, по кои Јувентус би бил казнет.

Оваа недела беа уапсени 12 навивачи на Јувентус, лидери на групите ултраси, и според „Кориере дела сера“, Ањели пред судот изјавил дека организираните навивачки групи станале агресивни во барањата за бесплатни билети и други работи од клубот.

– Одите на трибините на сопствен ризик, посебно во централниот сектор. Таму не се сите деликвенти, но има лидери кои имаат криминален потенцијал – Тоја, Гранчини и Мочола, лидерите на групите ’Други’ и ’Викинг’. Во 2018 година во соработка со полицијата решивме да поднесеме тужба и да ја решиме ситуацијата. Со закани за насилно однесување тие му штетат на клубот – изјавил Ањели.

Ултрасите штрајкуваа во вчерашниот триумф од 2-1 над Верона со тоа што не навиваа за клубот, а дел од нив беа надвор од стадионот каде што ја навредуваа управата на клубот. Вчера исто така за првпат на „Алијанц стадионот“ имаше стјуарди во делот од стадионот, каде што досега редот го спроведуваа самите навивачки групи.