УЕФА, во тесна соработка со ФАРЕ, воведе тристепен протокол за идентификување и справување со расистичкото однесување за време на натпреварите. Санкциите на УЕФА се меѓу најтешките во спортот. Верувајте ми, УЕФА е посветена да стори сѐ што може, но не можеме да си дозволиме да бидеме задоволни со ова, секогаш мора да се стремиме да ја зајакнеме нашата решеност, вели претседателот на УЕФА, Александар Чеферин

Многубројни беа реакциите во британските медиуми по расистичките скандирања на фудбалскиот натпревар Бугарија – Англија во Софија, во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година, кој заврши со победа на гостите со 6-0. Натпреварот беше и двапати во прекин. Овој последен пример само покажува дека расизмот на спортските терени е далеку од тоа дека е во надолна линија, иако ФИФА и УЕФА се трудат да го сузбијат со донесување на што построги мерки.
Што ја чека Фудбалската федерација на Бугарија (ФФБ), допрва ќе се знае, а во бугарските медиуми пишува дека премиерот Бојко Борисов побарал да биде прекината секаква поддршка на ФФБ, вклучувајќи и финансиска, до сменувањето на првиот човек на бугарскиот фудбал. Ова беше нов натпревар во групата А во кој фудбалерите на Англија беа изложени на расистички скандирања, по мартовската победа (5-1) на мечот со Црна Гора на гости, при што Црна Гора од УЕФА била казнета со играње два меча дома зад затворени врати и со парична казна. Слична санкција добија и други фудбалски сојузи и клубови и годинава.

Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, во една пригода јасно кажа дека многубројните расистички инциденти треба што побрзо да завршат, а ФИФА годинава донесе построги казни, како што се нулта толеранција на расизмот, за клубовите одземање бодови, играње без публика, играње на неутрален терен, исфрлање од натпреварување, исфрлање во понизок ранг на натпреварување, минималната казна за фудбалерите од пет е зголемена на десет натпревари итн.

– Имаше времиња, не толку одамна, кога фудбалското семејство помисли дека расизмот е далечна меморија. Последните неколку години нѐ научија дека таквото размислување е, во најдобар случај, самоуверено. Подемот на национализмот низ целиот континент поттикна некое неприфатливо однесување, а некои помислија дека фудбалската публика е вистинското место да се изразат на нивните ужасни погледи.

УЕФА, во тесна соработка со мрежата ФАРЕ (Фудбал против расизам во Европа), воведе тристепен протокол за идентификување и справување со расистичкото однесување за време на натпреварите. Санкциите на УЕФА се меѓу најтешките во спортот за клубови и за федерации чии приврзаници се расистички на нашите натпревари. Минималната санкција е делумно затворање на стадионот, потег што ги чини домаќините најмалку стотици илјади загубени приходи и им придава стигма на нивните приврзаници. УЕФА е единственото фудбалско тело што казнува играч на десет меча за расистичко однесување, најтешко ниво на казна во фудбалот. Верувајте ми, УЕФА е посветена да стори сѐ што може за да се елиминира оваа болест во фудбалот. Не можеме да си дозволиме да бидеме задоволни со ова, секогаш мора да се стремиме да ја зајакнеме нашата решеност. Пошироко, фудбалското семејство, сите од администрацијата до играчите, тренерите и навивачите, треба да работат со владите и со невладините организации за да водат војна против расистите и да ги маргинализираат нивните погледи. Самите фудбалски здруженија не можат да го решат овој проблем. Владите, исто така, треба да направат повеќе во оваа област.

Само ако работиме заедно во име на пристојност и чест, ќе напредуваме – пишува, меѓу другото, во вчерашната изјавата на Александар Чеферин, претседател на УЕФА, објавена на интернет-страницата на УЕФА.