Трофејните капитени во трка по првиот пехар како менаџери

73

ФУДБАЛ – ДЕНЕСКА СЕ ИГРА 149. ФИНАЛЕ НА ФА-КУПОТ НА АНГЛИЈА

На стадионот „Вембли“ ќе се сретнат лондонските ривали Челси и Арсенал, предводени од клупата од поранешните капитени на овие тимови и сезонава најмлади менаџери во Премиер-лигата, Френк Лампард и Микел Артета

Фудбалските ривали од Лондон, Челси и Арсенал, ќе играат во денешното 149-то финале на ФА-купот на стадионот „Вембли“, од 18.30 часот, предводени од двајца поранешни капитени на овие клубови, Френк Лампард (42 години и 42 дена), менаџер на „сините“, и Микел Артета (38 години и 132 дена), на клупата на Арсенал. Тие се најмладите менаџери во Премиер-лигата сезонава.
Британската новинска агенција ПА направи споредба помеѓу двајцата менаџери, од кои едниот ќе го крене вредниот трофеј, прв во тренерската кариера. Двајцата како играчи во средниот ред имаа одлични кариери. За време на 13-годишното играње на стадионот „Стамфорд бриџ“, Лампард стана најдобриот стрелец на сите времиња на Челси, освои четири ФА-купа, три титули во Премиер-лигата и по еден трофеј во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ). Артета помина помалку време во Арсенал, пет години, но стана капитен, триумфирајќи двапати во ФА-купот.

Лампард минатото лето беше назначен за менаџер на Челси, на местото на Маурицио Сари, по триумфот на Челси во ЛЕ, по победата токму над Арсенал, со 4-1. Во својата прва сезона тој ги предводеше „сините“ до четвртото место во Премиер-лигата, што значи настап во ЛШ, и до финалето на ФА-купот. Во меѓувреме, лани во декември Артета го замени Унаи Емери на стадионот „Емирати“ и забележа прогрес што се однесува до игрите, но не и до резултатите, бидејќи Арсенал го освои осмото место во Премиер-лигата и е елиминиран од ЛЕ.

Што се однесува до тоа како ги водат натпреварите и каква игра протежираат, постојат некои разлики. Артета, барем засега, инсистира на цврста одбрана и на контри, а Лампард генерално сака неговиот тим да игра поофанзивно.
Арсенал е најуспешен во ова натпреварување, со 13 триумфи, а Челси има осум трофеи.