Трка по најтешкиот трофеј и по рекорди

111

Вечерва во финалето на ЛЕ играат Челси и Арсенал. Арсенал досега нема триумф во ова натпреварување (Челси славеше во 2013-та), трофејот со тежина од 15 кг за тренерот на „сините“, Сари, би бил прв меѓународен (Емери има три) и би станал најстариот кормилар со триумф во ЛЕ

Во Баку, Азербејџан, вечерва (21 часот) во финалето на Лига Европа (ЛЕ) ќе се сретнат англиските и лондонски фудбалски ривали Челси и Арсенал. За двете екипи тоа ќе биде второ финале во ЛЕ. Челси победи во 2013 година (против Бенфика, со 2-1 во Амстердам), а Арсенал беше поразен во 2000-та (од Галатасарај, 0-0, 1-4 на пенали, во Копенхаген). Од победничкиот тим на Челси од 2013 година сега во составот се Еден Азар, Давид Луиз и Цезар Аспиликуета.

Ова ќе биде трето финале помеѓу два клуба од иста земја. Претходно, во финалето во 2011-та во Даблин играа португалските тимови Порто и Брага (1-0), а во 2012-та во Букурешт, шпанските Атлетико – Атлетик, (3-0).
На патот до финалето, Челси и Арсенал немаа проблеми во групната фаза. Челси во групата Л, како и Арсенал (група Е) забележаа по пет победи и едно реми. Во нокаут-фазата не им беше баш најлесно, посебно на Челси во реваншот од полуфиналето против Ајнтрахт кога решаваа пеналите. Судија на финалниот меч ќе биде Италијанецот Џанлука Роки, прво финале во ЛЕ за него. Првпат на меч во ЛЕ ќе се применува и системот видео асистент-судија (ВАР).

Победникот на мечот ќе си обезбеди пласман во групната фаза од Лигата на шампиони (ЛШ) следната сезона. Ова е особено важно за Арсенал кој заврши на петтата позиција во Премиер лигата и триумфот на овој меч им е последна шанса да се најдат во елитната конкуренција. Челси како третопласиран веќе е дел од ЛШ. Кога станува збор за парите што ќе ги добие победникот, се спомнува вкупна сума меѓу 40 и 45 милиони евра.

Менаџерот на „топчиите“, Унаи Емери, има три триумфи во низа во ЛЕ со Севилја, во 2014, 2015 и 2016-та и е рекордер со 74 меча (со вечерашниот) во оваа конкуренција, 22 повеќе од Португалецот, Жорге Жезус.

Во таборот на Челси, кој е непоразен на 17 меча во ЛЕ по ред (14 победи и три ремија), главоболка за менаџерот Маурицио Сари е повредата на коленото на Н’Голо Канте, на тренинг минатиот викенд, по што е неизвесен неговиот настап во финалето. Тоа е нов минус за Сари кој не ќе може да смета ниту на Антонио Ридигер во одбраната, како и на Рубен Лофтус-Чик и на Калум Ходсон-Одои.

Во случај на триумф на Челси, Сари ќе биде најстариот тренер-менаџер освојувач на овој трофеј (прв за него во кариерата), на 60 години и 139 дена. Рекордот го држи Жозе Мурињо, кој имаше 54 години и 118 дена пред две години, кога Манчестер јунајтед го победи Ајакс.

Трофејот за победникот во ЛЕ тежи 15 кг и е најтежок од сите за натпреварите на УЕФА, клупски и репрезентативни.


Англија пак може да има пет тима во Лигата на шампионите

Четирите најдобри тима во Англија сезонава, Манчестер сити, Ливерпул, Челси и Тотенхем обезбедија настап во групната фаза на Лигата на шампионите (ЛШ) за следната сезона. Но Англичаните имаат можност да имаат и пет тима во ЛШ идната сезона ако Арсенал го совлада Челси во денешното финале на Лига Европа (ЛЕ). Во случај на пораз „топчиите“, кои го освоија петтото место во Англија, ќе играат во групната фаза на ЛЕ, заедно со Манчестер јунајтед, а од таа земја во квалификациите за ЛЕ треба да настапи Вулверхемптон.
Според правилата на Европската фудбалска унија (УЕФА), една земја може да има најмногу пет тима во групната фаза на ЛШ. Теоретски, една земја со четири директни места во ЛШ може да има и победници на двата европски купа, а кои се пласирани, на пример, на петтото и на шестото место во домашното првенство. Во таков случај, во групната фаза на ЛШ следната сезона ќе играат првите три тима од првенството и двете екипи што ги освоиле европските трофеи, а четвртопласираниот наместо во ЛШ би играл во ЛЕ.
Во минатото, прва со пет тима во една сезона во ЛШ беше Шпанија, во сезоната 2015/16, кога играа Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид, Севилја и Валенсија. Тој успех потоа го направи и Англија, во сезоната 2017/18, со Челси, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Тотенхем и со Ливерпул. Г.М.