Трајковски: Да се обидеме да ги добиеме наредните два меча

122

За Австрија мечот со Македонија в сабота во Виена е важен, бидејќи со реми ќе обезбеди пласман на ЕП. Селекторот Ангеловски истакнува дека и Македонија има за што да игра, оти не е сеедно на кое место ќе заврши во групата

Најдобрите македонски фудбалери ги одработуваат последните тренинзи во Скопје, пред саботниот квалификациски натпревар за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година, на гости против Австрија во Виена. Селекторот Игор Ангеловски се соочува со многубројни проблеми пред овој дуел, поради повредите на некои стандардни играчи, како Езџан Алиоски, Аријан Адеми и Иван Тричковски, но и поради суспендираните Бобан Николов, Висар Муслиу и Илија Несторовски.
За Австријците ова е многу важен натпревар, бидејќи со реми ќе обезбедат место на ЕП 2020 (заедно со Полска од оваа група), второ последователно за нив, по настапот на минатото ЕП 2016 во Франција, вкупно трето, по ЕП 2008, на кое беа кодомаќини, заедно со Швајцарија. Австрија е фаворит, игра дома, но дека е квалитетна репрезентација покажа на првиот дуел во Скопје, кога забележа убедлива победа со 4-1, во првиот официјален меч помеѓу двете репрезентации.
Ангеловски истакнува дека и Македонија има за што да игра, оти не е сеедно на кое место ќе заврши во групата и верува оти младите фудбалери ќе покажат дека го заслужуваат националниот дрес. Поради отсуството на некои од повредените играчи, Ангеловски реши шанса да им даде на Никола Ѓорѓев, напаѓачот на швајцарскиот Грасхоперс, и на Марио Младеновски, дефанзивецот од Вардар. Ново име е и Тихомир Костадинов, офанзивниот играч од средниот ред на словачкиот Ружемберок.

– Сѐ додека имаме шанса, ќе се бориме докрај. Ова е добра можност да покажеме дека поразот од Австрија на домашен терен не ја покажува реалната слика на квалитетите помеѓу двете репрезентации. Мислам дека сме добро подготвени и ќе пружиме максимум во Виена. Најважно е да се покажеме во најдобро светло, да се обидеме да ги добиеме наредните два натпревара, а потоа ќе размислуваме на мартовскиот предизвик во Лига на нациите. Во минатиот период игравме и со поквалитетни и со послаби репрезентации и мислам дека покажавме оти можеме да се справиме со која било селекција – изјави напаѓачот Александар Трајковски за интернет-страницата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).