Тотенхем ја брани титулата на Интернационалниот куп на шампионите

36

Во седмото издание до 10 август, 12 тима треба да одиграат по три меча во САД, Кина,
Англија, Шведска, Сингапур и во Велс

Со синоќешниот меч Фиорентина – Гвадалахара во Бриџвју во САД почна седмото издание на Интернационалниот куп на шампионите, подготвителен турнир на повеќе фудбалски клубови, главно од Европа. Годинава мечевите ќе се играат и во Кина, Англија, Шведска, Сингапур и во Велс.

Вкупно 12 клуба треба да одиграат вкупно 18 натпревари, по три меча секој клуб, до 10 август. Годинава во натпреварувањето ќе учествуваат Фиорентина, Интер, Јувентус и Милан од Италија, Арсенал, Манчестер јунајтед и Тотенхем од Англија, Реал Мадрид и Атлетико Мадрид од Шпанија, Баерн од Германија, Бенфика од Португалија и Гвадалахара од Мексико.

Од дуелите на европските тимови се предвидени мечевите на, на пример, Арсенал – Баерн (денеска во Карсон, САД), Баерн – Реал Мадрид (в сабота во Хјустон, САД), Јувентус – Интер (на 24 јули во Нанџинг, Кина), Тотенхем – Манчестер јунајтед (на 25 јули во Шангај), Реал – Атлетико (на 26 јули во Ист Радерфорд, САД), Манчестер јунајтед – Милан (на 3 август во Кардиф, Велс), Атлетико – Јувентус (на 10 август во Стокхолм) итн.

Според пропозициите, победа носи три бода, победа на пенали два, а пораз на пенали еден бод. Ако мечот по 90 минути заврши нерешено, победникот ќе се решава со изведување пенали.

Победник на минатогодишното издание, кога учествуваа 18 клуба, беше Тотенхем со седум бода, пред Борусија Дортмунд со ист број бодови, но послаба гол-разлика.