Топката на Баерн поминува најголемо растојание

35

Кога Баерн ја има топката во свој посед таа просечно на еден меч „патува“ 12,7 км, а на оваа листа на ЦИЕС потоа се Манчестер сити со 12,5 км и Ливерпул со 12,3 км по средба

ФУДБАЛ – ЦИЕС

Баерн води на листата на фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС) (12,7 км по меч), која ги анализира податоците на „ИнСтат“ за движење на топката, во километри, кога тимот на еден меч ја има топката во свој посед. Анализирани се тимови од 35 европски натпреварувања за сезоните 2018/2019 и 2019/2020.
Така, топката на Баерн патува во просек 12,7 км по натпревар, а на листата потоа се Манчестер сити со 12,5 км и Ливерпул со 12,3 км по средба, пишува ЦИЕС. Според анализата, фудбалерите на Баерн имаат во просек малку помалку додавања по натпревар од играчите на Манчестер сити (705 наспроти 722), но далечината што ја остварува топката во просек е поголема (18,0 метри наспроти 17,3). Фудбалерите на Ливерпул, пак, прават 654 додавања по натпревар (деветта позиција вкупно), нивната должина на едно додавање е 18,8 метри во просек на натпревар, а највисоката просечна должина на едно додавање е забележана кај две шкотски екипи, Ливингстон (23,1 метри) и Хамилтон Академик (22,5), објави ЦИЕС.