Тимскиот дух ја искачи Гранада на врвот

87

Најевтиниот тим во шпанското првенство Гранада е европскиот хит есенва, откако по 10 кола е на првото место на табелата во шпанското првенство, пред фудбалските гиганти Барселона, Реал Мадрид, Атлетико…

Гранада се наоѓа на врвот на табелата во најсилната шпанска лига првпат по 46 години, пишува шпанскиот дневен спортски весник „Марка“. Таа сезона Гранада го освои шестото место, што досега е највисок пласман за клубот. Гранада сезонава се врати во елитната конкуренција, а во европскиот фудбал не е ретка појавата нововлезен тим во најсилната лига да ја освои титулата во првата сезона, како на пример Кајзерслаутерн во 1998 година, Нотингем форест и Монако во 1978-та, но, според некои податоци, тоа досега не се случило во првенството на Шпанија.

Според коментарите во медиумите, силниот тимски дух е главното оружје на најмладиот тренер во шпанската лига, Диего Мартинез (38), чија примарна цел е да остане во лигата. Мартинез за креирање и за кревање на тимскиот дух користи методи незамисливи за големите клубови. Тој своите играчи ги носи на скара, екскурзии и прошетки во природа со кои создава неверојатен тимски дух кај екипата, која изгледа непобедливо на терен. Шпанските медиуми ја споредуваат Гранада, под водство на Мартинез, со камелеон затоа што момците многу успешно се приспособувале на противничката игра.

Мартинез почнал како тренер во седмата лига. Во Севилја осум години работел со младинската екипа со која станал првак на Шпанија, а потоа нивниот Б-тим го внел еден ранг погоре, по што бил назначен за помошник на Унаи Емери во првиот тим на Севилја. Минатата сезона како прв тренер на Осасуна се обидел да ги внесе во првата лига.

Гранада сега има 20 бода, исто колку што имаа на крајот на сезоната 2016/2017 кога испаднаа од Премиера. Летово Гранада на играчи потрошила сѐ на сѐ седум милиони евра, а тимот што неодамна го победи Бетис, чинеше само 6,1 милиони евра. Гранада на плати годишно троши околу 35 милиони евра, а Барселона 630 милиони евра повеќе од нив, но, сепак, успеа да ја совлада Барселона на домашен терен со 2-0.