„Тимот е во постојана еволуција“

53
Неверојатен е начинот на размислување на овој тим. Работите се така поставени што сите сме свесни дека доколку не напредуваме, другите тимови ќе нѐ престигнат. Да се биде најдобар на светот не значи само да се остане на врвот туку и да се биде трендсетер, вели Андоновски, кој се надева дека ќе ја одведе репрезентацијата до олимпиското злато, пишува „Ројтерс“

ФУДБАЛ – ВЛАТКО АНДОНОВСКИ, СЕЛЕКТОР НА САД

Селекторот на четирикратниот светски првак, женската фудбалска репрезентација на САД, Македонецот Влатко Андоновски, по пријателскиот меч, прв во 2021 година, против Колумбија, 4-0 во Орландо (САД), рече дека тимот е во постојана еволуција, во пресрет на одложените Летни олимписки игри (ЛОИ) во Токио (Јапонија) летово, пишува „Ројтерс“.
Сем Мјуис, која игра во средниот ред, постигна хет-трик, прв за неа во кариерата, а во репрезентацијата првпат по март лани се вратија ветеранките, напаѓачите Меган Рапино и Карли Лојд. Андоновски, кој ја наследи Џил Елис на селекторската фунција во октомври 2019 година, се надева дека ќе ја одведе репрезентацијата до олимпиското злато по разочарувачкиот настап и раната елиминација во четврт-финалето на Игрите во Рио де Жанеиро (Бразил) во 2016 година.
Во вториот контролен натпревар селекцијата на САД ја совлада репрезентацијата на Колумбија со 6-0. На тој меч два гола постигна Рапино. Американките се непоразени на 34 меча во низа и на 50 натпревари на домашен терен.
– Неверојатен е начинот на размислување на овој тим. Работите се така поставени што сите сме свесни дека доколку не напредуваме, другите тимови ќе нѐ престигнат – вели Андоновски (44).

Тој во тимот ги има, на пример, добитничката на „златната топка“ за 2019 година, Рапино, и Катарина Макарио (21), која постигна 63 гола во три сезони за универзитетот „Стенфорд“. Покрај нив, Андоновски ја има на располагање и 31-годишната Алекс Морган, која постигна шест гола на Светското првенство (СП) во 2019 година, пишува „Ројтерс“.
По натпреварот со репрезентацијата на Колумбија, Андоновски им изјавил на новинарите дека употребил „значајно“ време за фино нагодување на одбраната на тимот, како и во развојот на „пософистициран“ напад, пишува „Ројтерс“.
– Да се биде најдобар на светот не значи само да се остане на врвот туку и да се биде трендсетер – вели Андоновски, пренесува „Ројтерс“.
Дефанзивецот Али Кригер (36) пристапот кон играта на Андоновски го нарекува „свеж воздух“, пишува „Ројтерс“.
– Имам чувство дека ја имам неговата целосна доверба, тој секој играч го прави подобар и има доверба во сите што ќе излезат на теренот. Не се грижи воопшто за возраста и јас го ценам тоа – вели Кригер, која дебитира во националниот тим во 2008 година.