Татко, зет и внук – сите играле на СП

131
Петер и Каспер Шмајхел се 26-тата комбинација татко и син на СП

Со настапот на Каспер Шмајхел за Данска, во саботата се комплетира 26-та комбинација татко и син на фудбалските мундијали. На оваа листа се издвојуваат семејство од Шведска (татко и два сина со настапи на СП) и од Мексико (татко, зет и внук), а од сите 26 семејства, во три се славела титулата

Голманот Каспер Шмајхел со настапот за Данска на мечот со Перу во 1-то коло на Светското првенство (СП) влезе во историјата на фудбалските мундијали како 26-ти син на поранешен фудбалер што играл на некое светско првенство. Татко му Петер Шмајхел бранеше за Данска на СП 1998.
Првпат на планетарните шампионати се комплетира комбинација татко – син во 1970 година, кога Марио Перез настапи за Мексико, како и неговиот татко на СП 1930. Од попознатите фудбалски презимиња во ваква фудбалска лоза се, на пример, Италијанците Чезаре (СП 1962) и Паоло Малдини (СП 1990, 1994, 1998 и 2002), Французите Жан (СП 1966) и Јури Џоркаеф (СП 1998 и 2002), Уругвајците Пабло (СП 1966) и Диего Форлан (СП 2002, 2010 и 2014), Шпанците Мигуел Ангел (СП 1982) и Чаби Алонсо (СП 2006, 2010 и 2014), Јужнокорејците Ча Бум Кун (СП 1986) и Ча Ду Ри (СП 2002 и 2010), Шпанците Мигуел (СП 1966) и Пепе Реина (СП 2006 и 2010), итн.
Но Швеѓанецот Рој Андерсон (играше на СП 1978) е единствениот чии два сина играле на СП – Патрик (СП 1994 и 2002) и Даниел (СП 2002 и 2006). Сепак, најдолга е фудбалската лоза на Мексиканецот Томас Балказар. Тој настапи на СП 1954 во Швајцарија, неговиот зет Хавиер Хернандез Гутиерез на СП 1986 во Мексико, а неговиот внук Хавиер Хернандез Чичарито на СП 2010 во Јужна Африка, во 2014-та во Бразил и сега во Русија.
Од сите овие 26 семејства има три во кои се славела светската титула, и тоа кај Џоркаеф (Јури беше светски првак во 1998 година), Реина и Алонсо (Пепе и Чаби имаат светска титула во 2010-та). Од другите, најдалеку стигнале Паоло Малдини (трет во 1990, втор во 1994), Бразилецот Домингос да Гуиа (бронза на СП 1938) и неговиот син Адемир да Гуиа (четврто место на СП 1974), потоа Полјакот Влодимјерж Смоларек (трето место на СП 1982, неговиот син Еузебиуш играше на СП 2006), Диего Форлан (четврто место на СП 2010), итн.