Суперкуп – прв сеанглиски дуел: Ливерпул – Челси

214

За првпат по 2013-та во суперкуп-мечот ќе нема шпански екипи, а Истанбул ќе биде седмиот град домаќин на еден ваков меч (меѓу нив беше и Скопје во 2017-та), по Монте Карло. каде што традиционално од 1998 до 2012-та се играа ваквите натпревари

Ливерпул, освојувачот на Лигата на шампиони (ЛШ), се среќава со Челси, победникот во Лига Европа (ЛЕ), во 44. Суперкуп на Европската фудбалска унија (УЕФА), вечерва (21 часот), на стадионот на „Бешикташ“ (капацитет од 41.188 места) во Истанбул, Турција.
Ова ќе биде прв суперкуп-дуел меѓу две англиски екипи, трикратниот освојувач на овој трофеј, Ливерпул (1977, 2001, 2005) и Челси, кој триумфира само еднаш (во 1998). Ливерпул и неговите навивачи се враќаат во градот во кој забележаа еден од најголемите триумфи во клупската историја, кога во мај 2005-та, во назаборавен, вистински трилер-меч го совладаа Милан, на пенали со 3-2, откако на полувремето губеа со 0-3!
Во финалето на ЛШ на 1 јуни годинава во Мадрид, Ливерпул го совлада Тотенхем со 2-0, а во финалето на ЛЕ во Баку, Челси беше подобар од Арсенал, 4-1. Вечерашниот меч ќе биде 183-ти меѓу овие два клуба (Ливерпул има 78, а Челси 63 победи), 11-ти во евронатпреварите (две победи има Ливерпул, три Челси).

Истанбул е седмиот град во низа во кој ќе се игра Суперкупот, по Прага (2013), Кардиф (2014), Тбилиси (2015), Трондхајм (2016), Скопје (2017) и Талин (2018 година). Претходно ваквите мечеви традиционално се играа во Монте Карло, од 1998 до 2012-та. Следната, 2020 година Суперкупот ќе се игра во Порто,
За првпат по 2013-та во суперкуп-мечот ќе нема шпански екипи. Во Прага во 2013-та триумфира Баерн, тогашниот европски првак, совладувајќи го Челси, победникот во ЛЕ, на пенали. На досегашните 43 вакви меча, повеќе успех имаат европските прваци, кои забележале 23 победи, односно претрпеле 20 порази од победниците во поранешните Куп на победниците на куповите (КПК), Купот на УЕФА и сегашната ЛЕ.

На голот на Ливерпул ќе го нема голманот Алисон Бекер, поради повредата на мускулот на првиот натпревар во новата сезона, против Норич (4-1). За Истанбул не отпатува ниту центархалфот Дејан Ловрен поради болест. Но освен нив, менаџерот Јирген Клоп на располагање ги има сите други играчи. Челси и новиот менаџер Франк Лампард имаа лошо деби, беше претрпен убедлив пораз на гости од Манчестер јунајтед (0-4). Поради развојот на настаните викендов, ефикасноста на „црвените“ и „провевот“ во одбраната на „сините“ на „Олд трафрод“, прогнозите велат дека Ливерпул, кој се смета за фаворит, ќе победи со 3-0! 


Фрапар – прва жена судија на голем европски меч

Овој меч ќе се памети и по тоа што правдата на еден ваков меч, првпат во историјата на европскиот клупски фудбал, ќе ја дели жена, Французинката Стефани Фрапар (35). Помошници на Фрапар, која го судеше и финалето на Светското првенство (СП) за жени, летово во Франција, САД – Холандија, ќе ѝ бидат сонародничката Мануела Николози и Мишел О’Нил од Република Ирска. Во улога на четврти судија ќе биде Турчинот Чунет Чакир.
Фрапар веќе си обезбеди место и во фудбалската историја во родната Франција. Во април таа стана првата жена судија во Првата лига на Франција или Лига 1, на мечот Амиенс – Стразбур. По повеќегодишното искуство во француската Лига 2, таа во новата сезона доби шанса редовно да суди мечеви во Лига 1.


Шпанските екипи со најмногу трофеи – 15

Најмногу триумфи во Суперкупот, 15 (и рекордни 27 настапи на вакви мечеви), имаат забележано екипите од Шпанија. Барселона пет пати, Реал четири пати, Атлетико трипати, Валенсија двапати и Севилја еднаш. Италијанските тимови девет пати победувале (на 13 меча), најмногу Милан, пет пати, Јувентус двапати, а Лацио и Парма по еднаш. Англиските се со седум освоени суперкуп-пехари (на 18 настапи), Ливерпул трипати, а по еднаш Астон Вила, Челси, Манчестер јунајтед и Нотингем форест.
Кај фудбалерите со по четири пехари и победнички медали може да се пофалат Дани Алвес (со Севилја во 2006 и со Барса во 2009, 2011 и 2015) и Паоло Малдини, сите со Милан (1989, 1990, 1994 и 2003). Меѓу тренерите со три трофеи предничат Карло Анчелоти (2003 и 2007 со Милан и во 2014-та со Реал) и Пеп Гвардиола (2009 и 2011 со Барса и 2013-та со Баерн).
Освен како тренери, Анчелоти и Гвардиола имаат трофеи и како играчи, во 1990, односно 1992-та. Покрај нив, уште тројца биле победници во Суперкупот, како играчи и како тренери. Тоа се Диего Симеоне (1999, 2012 и 2018-та), Луис Енрике (1992, 1997, 2015) и Зинедин Зидан (1996, 2002, 2016 и 2017-та).