Субвенции за навивачи

38

Шпанската Ла лига планирала да ги субвенционира навивачите што би патувале на мечевите од шпанското фудбалско првенство што би се играле во САД, јави Би-би-си. Весникот се повикува на шпански медиуми, според кои Ла лига би им ги покривала трошоците за пат и за престој на навивачите што би биле погодени од плановите еднаш годишно меч од шпанското првенство да се игра во САД. Медиумите јавуваат дека меч што би се играл во Мајами можеби е дуелот Џирона – Барселона на 27 јануари, но потврда од Ла лига нема, а клубовите не коментираа, пишува Би-би-си.

Раководството на шпанското првенство се согласи да преместува еден меч од сезоната надвор од Шпанија како дел од 15-годишниот маркетиншки договор. Овој план бил критикуван од Фудбалската федерација на Шпанија и од Унијата на фудбалери. Би-би-си пренесува дека за субвенционирањето предност би имале имателите на сезонски влезници, на кои би им биле платени авионскиот лет и сместувањето за една ноќ. Тие што немало да сакаат да патуваат би добиле влезница за мечот помеѓу двата тима на „Камп ноу“, а тие што немало да ги прифатат овие две понуди, би добиле попуст на сезонскиот билет.