Стен Кронки сака целосна сопственост врз Арсенал

158

Тој понудил 600 милиони фунти (670,95 млн. евра) за да ги купи сите акции на „топчиите“, чија вредност се проценува на две милијарди евра

Најголемиот акционер на фудбалскиот клуб Арсенал, американскиот бизнисмен Стен Кронки, понудил 600 милиони фунти (670,95 млн евра) за да ги купи сите акции во фудбалскиот клуб Арсенал. Берзанската вредност на „топчиите“ се проценува на две милијарди евра.
Американскиот милијардер поседува 67 отсто од Арсенал преку неговата компанија КСЕ, што значи дека Алишер Усманов се согласил му да ги продаде своите 30 отсто од акциите.

Усманов лани во мај понудил 1,12 милијарда евра за купување на Арсенал, но Кронки не ја прифатил понудата.
– Амбициите на КСЕ за клубот се тој успешно да се натпреварува и да победува во Премиер-лигата и во Лигата на шампионите (ЛШ), како и да освојува трофеи во женска и во младинска конкуренција – се вели во соопштението од берзата.

КСЕ истакнува дека под „негово управување од 2011 година, клубот инвестирал во големи трансфери, во договори со играчи, во аналитичари и во фудбалски раководители“ и „очекува клубот да има корист од тие инвестиции“.
Арсенал има нов менаџер сезонава, Унаи Емери, кој го наследи Арсен Венгер, кој беше шеф на „топчиите“ 22 години. Ланската, последна сезона на Венгер, Арсенал заврши на шестото место во Премиер-лигата, не се избори за настап во ЛШ и ќе мора да се задоволи со играње во Лига Европа (ЛЕ).

Годинашната кампања во Премиер-лигата, Арсенал ја почнува в недела, со мечот против шампионот Манчестер сити дома.
И додека Кронки верува дека неговото соло-управување ќе биде од корист за клубот, навивачкото здружение (АСТ) ова го нарече „страшен ден“ за Арсенал.
– Стен Кронки, во чија целосна сопственост ќе биде клубот, ќе им стави крај на навивачите што поседуваа минорни акции, како и на нивната улога во поддршката на темелните клупски вредности – се вели во соопштението на АСТ.

Роб Вилсон, експерт за фудбалски финансии на универзитетот „Шефилд Халам“, вели дека постојат две страни на гледање на оваа работа. Едната е на навивачите што сакаат повеќе транспарентност и другата на која тоа не ѝ одговара.
– Ќе има исплата на големи дивиденди, но за Арсенал тоа не е различно од она што го имаа последниве 10 или 15 години со Усманов и порано со Фарад Мошири (поранешен акционер и косопственик на Евертон). Од деловна гледна точка, тоа не е лош модел. Тоа е како да купувате куќа, земате хипотека и ако ги плаќате заемите навреме, ќе нема проблем – вели Вилсон.

Во понудата на Кронки, меѓу другото, стои дека тој ќе даде свои 50 милиони евра, а ќе позајми 662,87 млн. евра.
Освен Арсенал, во „семејното портфолио“ на Кронки како сопственост се НФЛ-тимот Лос Анџелес рамс, Денвер нагетс од НБА, Колорадо авеланч од НХЛ, Колорадо рапидс од МЛС и Колорадо Мамут од националната Лакрос лига.