Стадионот во Елбасан под контрола на израелските агенти

97

Агенти од израелските безбедносни структури веќе десетина дена се во Елбасан и детално го контролираат секој дел на стадионот во Елбасан, како и секое лице кое влегува или излегува од него, пред фудбалскиот натпревар Албанија-Израел што ќе се одигра в петок.

– Секојдевни се средбите со главните албански безбедносни субјекти, со агенти од областа на безбедноста, тајните агенти, претставници на државната полиција и приватните агенции – објави тиранската телевизија Топ чанел.

Натпреварот Албанија – Израел, што ќе се одрига во петок во 20:45 часот е прв натпревар што ќе се игра без присуство на албанската полиција на стадион.

Околу 1.500 полициски службеници ќе бидат во целосна подготвеност распоредени околу стадионот „Елбасан арена“ каде ќе вршат и физичка контрола. За безбедноста надвор од стадионот ќе бидат ангажирани и припадници на специјалната полициска единица, како и агенти од агенцијата за безбедност, контраразузнавање и разузнавање, дел од нив веќе два месеца се во Елбасан.

– Во стадионот за време на натпреварот ќе бидат најмалку 300 припадници на приватната полиција или стјуарди како што се нарекуваат. Нивниот број ќе зависи од продадените билети. До денеска се продадени околу две илјади, но интересот секојдневно расте. Билет за натпреварот се купува со лична карта, барање кое строго се почитува со цел да се знае идентитетот на секое лице кое ќе влезе во стадионот, наведува телевизијата.

Подрачјето околу стадионот ќе биде блокирано 24 часа пред натпреварот и така ќе биде сė додека не заврши истиот, а никој не ќе може да се приближи до стадионот без да има билет, што ќе се контролира од кордоните полицајци кои ќе бидат поставени на определена оддалеченост од стадионот.

И пред две години фудбалските репрезентации на двете земји натпреварот го одиграа во Елбасан иако беше предвидено истиот да биде на стадионот „Лоро Боличи“ во северниот град Скадар. Тоа беше одлучено по апсењето на албански и косовски џихадисти, по добиените инфромации од израелската тајна служба, Мосад, дека планирале терористички напад врз израелските фудбалери.

Токму поради тоа и овој натпревар, кој се игра во рамки на Лигата на нациите се смета од висок ризик, поради што се преземаат сите безбедносни мерки.

– Кон тоа и предуредувањето на американскиот Стејт департмент кој своите граѓани во Албанија ги предупредува да бидат многу внимателни доколку престојуваат во Елбасан, пред, за и по натпреварот иако како што стои во објавата нема специфични индикации или закани – констатира телевизијата Топ чанел.