Спортски вести

58

Ливерпул го постигна 10.000-от гол во својата 128-годишна историја

Ливерпул, европскиот фудбалски првак од 2019 година, потешко од очекувањата дојде до победата над данскиот првак, Митјиланд (2-0), клубот формиран во 1999 година, дебитант во Лигата на шампионите (ЛШ). Стрелецот на првиот гол, Португалецот Диего Жота, влезе во клупските анали постигнувајќи го 10.000-от гол за „црвените“ во сите конкуренции во 128- годишната историја. Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, првпат откако е на клупата, почна меч во ЛШ без напаѓачкото трио, Мохамед Салах, Садио Мане и Роберто Фирмино, со намера малку да ги одмори. Л.Д.


Реал го избегна четвртиот пораз во низа

Реал Мадрид, најтрофејниот, со 13 титули фудбалски првак на Европа, избегна пораз на гостувањето кај Борусија Менхенгладбах (2-2) со двата гола во завршницата од мечот од 2-то коло на Лигата на шампионите (ЛШ). Со тоа Реал, кој во првото коло претрпе пораз дома од Шахтар (2-3), се спаси од поставување неславен клупски рекорд, да загуби четири меча во низа во ЛШ. Пред поразот од Шахтар, Реал ги загуби и двата осминафинални дуела од ланската сезона од Манчестер сити.


Рамос сега е седми на листата со најмногу средби во ЛШ

Капитенот на шпанскиот првак Реал Мадрид, Серхио Рамос, на дуелот со Борусија Менхенгладбах го одигра 125-от натпревар во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) и се израмни со Кларенс Сидорф. Само седуммина играчи се поуспешни од него во оваа категорија, и тоа Икер Касилјас (177 средби во ЛШ), Кристијано Роналдо (170), Чави (151), Лионел Меси (144), Раул (142), Рајан Гигс (141) и Андрес Иниеста (130). 


ФУДБАЛ – ЦИЕС

Најмлади тимови сезонава имаат Милан, Нордсјеланд и Мета

Италијанскиот Милан со просек од 24,5 години сезонава го има најмладиот тим во петте најголеми европски фудбалски лиги (Англија, Франција, Италија, Германија и Шпанија), пишува Фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС), која ги рангира тимовите од 67 врвни лиги во светот, според просечната возраст на екипите што настапиле сезонава.
Најниската бројка меѓу тимовите од земјите во првите 20 позиции на рангирањето на УЕФА беше измерена за дански Нордсјеланд (22,7 години). Генерално, пак, Мета (Летонија) го има најмладиот состав (просечно 20,6 години), пред Жилина (Словачка) и Грота (Исланд).
Меѓу петте најсилни првенства зад Милан се француските Монако, Ремс и Сент Етјен и германските Штутгарт и Лајпциг, Валенсија е најмладиот тим во шпанската лига, а Брајтон е на врвот на рангирањето за англиската Премиер-лига, пишува ЦИЕС.