Спортски вести

57

Баерн против Атлетико ја почнува одбраната на титулата

Со вечерашните осум меча во групите А, Б, Ц и Д ќе биде комплетирано првото коло во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал. Бранителот на титулата, Баерн, кој лани имаше максимален ефект, 11 победи на 11-те меча, и притоа постигна 43, а прими само осум гола, го пречекува Атлетико, кој е непоразен на петте меча сезонава во шпанското првенство (две победи и три ремија).
Во фокусот на вниманието се двајцата водечки стрелци на двата тима, Роберт Левандовски кај Баерн и Луис Суарез, кој летово пристигна во Атлетико од Барселона. Левандовски лани беше повеќе од импресивен, на 11-те меча во ЛШ постигна 15 гола. Суарез на четири натпревари за новиот клуб постигна три гола и еднаш асистираше. Овие два тима играа во финалето на тогашниот Куп на европските шампиони (КЕШ) во 1974 година, кога победи Баерн во повторениот меч, со 4-0, откако првиот заврши без победник, 1-1.
Дуелот Ајакс- Ливерпул е меч меѓу тимови со вкупно 10 европски шампионски титули, но ќе биде само трет меѓусебен во Европа. Првиот меч беше во второто коло на КЕШ во сезоната 1966/1967, кога Јохан Кројф постигна три гола за победата на Ајакс со 5-1 во Амстердам, а во реваншот беше 2-2. 


Рамос: Треба да се ресетирате секоја година и да почнете од нула

Со натпреварот Реал Мадрид – Шахтер во 1-то коло на новата сезона, Шпанецот Серхио Рамос (34) ќе ја почне 17-та последователна сезона во фудбалската Лига на шампионите.
– Треба да се ресетирате секоја година и да почнете од нула. Треба да уживате во секој триумф, во секој освоен трофеј, како сѐ да е сосема нова работа – вели Рамос за официјалната интернет-страница на Европската фудбалска унија (УЕФА).


Гледачи само во Германија и во Франција

На гледачите ќе им биде дозволено да присуствуваат на натпреварите во фудбалските купови на УЕФА, Лигата на шампионите и Лига Европа сезонава, но само таму каде што дозволуваат локалните закони. Тоа значи дека публика ќе има само на натпреварите во Германија и во Франција, во ограничен број, најмногу до 30 отсто од капацитетот на стадионите, само домашни гледачи.
Таквата одлука на УЕФА следува по успешната проба, на Суперкупот помеѓу Баерн и Севилја, на арената „Ференц Пушкаш“ во Будимпешта, кога на трибините имаше 15.000 гледачи.