Спортската индустрија ќе претрпи огромни загуби

36

Најголемите импликации во однос на финансиите се очекува да бидат од ТВ-правата, но загубите би биле и од неодиграните мечеви (продажба на билети), туризмот (стадионски тури, посета на клупски и други спортски музеи), услугите (пред, за време и по мечевите)…, а сето тоа се проценува на неколку милијарди евра

ПОРАДИ ШИРЕЊЕТО НА КОРОНАВИРУСОТ

Постои одредена надеж и очекување за брзо враќање на спортот во нормала по пандемијата на коронавирусот, но постојат и одредени стравувања во врска со тоа. Економските последици од пандемијата секако ќе бидат огромни, и очекувано е спортската индустрија да претрпи големи загуби поради суспензијата на натпреварите и поради одложувањата.
Најголемите импликации во однос на финансиите се очекува да бидат од ТВ-правата, бидејќи фудбалските клубови и лиги би останале без приходите поради тоа што не се играат натпревари. Но многу работи ќе зависат од тоа дали сезоната ќе биде завршена. Доколку некако се приведе кон крај, загубите би можеле да бидат меѓу пет и 10 проценти, кои лесно ќе се надоместат во следните години. Ако сезоната не заврши, загубите би достигнале помеѓу 25 и 30 отсто, проценти што се директно поврзани со делот од сезоната што не се одиграл и не би донел пари од ТВ-правата, од спонзорите и од другите комерцијални зделки, пишува шпанската „Марка“.

Процените на „Форбс“, пак, се дека најголемите американски спортови (американски фудбал, кошарка, бејзбол, хокеј итн.) ќе изгубат најмалку пет милијарди долари поради коронавирусот, цифра што може да се искачи и на 10 милијарди доколку натпреварувањата не продолжат до јули. Поголемиот дел од загубите е од ТВ-правата, со тоа што малку е утешително оти најголемите спортски натпреварувања ќе можат да побараат пари од осигурителните компании.

Според процените, најмногу ќе настрадаат домашните натпреварувања и лиги (особено оние пониските), кои имаат свои договори и права. Затоа фудбалските лиги низ Европа чекаат до последната минута да донесат одлуки за одложувања или за откажување, затоа на ИОК и на организаторите на Игрите во Токио 2020 им требаше толку долго за да се решат за одложување за следната година.
Покрај парите од ТВ-правата, спортот, поточно клубовите ќе претрпат големи загуби и од (не)продажбата на билети, од услугите на и околу стадионите, пред и за време на натпреварите, како и во туристичкиот сектор. Врвниот фудбал се потпира и врз туризмот, во области како што се турите на стадионите и посетата на клупските музеи, кои ги посетуваат десетици илјади луѓе неделно, пишува „Марка“.

Во Јапонија на ЛОИ летово се очекуваа околу половина милион посетители, главно од САД и од Европа. Освен што ќе изостанат очекуваните и планирани пари од ТВ-правата, од спонзори, од билети, од посетители и друго, според првите процени одложувањето на Игрите за следната година ќе чини нови две-три милијарди долари. 


Во фудбалот најмногу ќе претрпи Премиер-лигата?

Од петте најсилни европски лиги, најголеми загуби би претрпела англиската Премиер-лига, 1,22 милијарда евра, потоа шпанската Ла лига (938), па германската Бундес-лига (740), италијанската Серија А (641) и француската Лига 1 (395 милиони евра), објави „Марка“.

Англиските премиерлигашки клубови како домаќини заработуваат од 1,3 до 7,7 милиони долари по натпревар. Пари ќе недостигаат и во касата на Европската фудбалска унија (УЕФА), поради суспендирањето на мечевите во Лигата на шампионите (ЛШ), натпреварување во кое клубовите треба да поделат 1,95 милијарда евра, а во Лига Европа (ЛЕ) 510 милиони евра.
Од вкупниот планиран буџет од 2,2 милијарди евра, 55-те членки на УЕФА требаше да поделат 775 милиони евра, 24-те репрезентации учеснички 371 милион, а клубовите, како компензација за играчите, 200 милиони евра.
Шпанска „Марка“ пишува дека се очекуваат загуби и во други врвни спортови, поради откажаните или одложени натпреварувања.

Неодамна слична студија објави и сметководствената фирма КПМГ, една од најголемите од ваков вид во светот, според која петте најдобри фудбалски лиги во Европа, англиската Премиер-лига, шпанската Ла лига, италијанската Серија А, германската Бундес-лига и француската Лига 1 би можеле да загубат и до четири милијарди евра доколку пандемијата на коронавирусот прерано ѝ стави крај на сезонава.