Споменик на Марадона подигнат во Буенос Аирес

127

Eден ден по роденденот на аргентинската фудбалска легенда Диего Марадона, односно вчера, во Буенос Аирес беше откриена негова статуа висока 2,8 метри. Марадона завчера наполни 58 години.

– Скулптурите обично се подигаат во чест на починати, а Диего е жив. Тој ја заслужува почитта додека сѐ уште е жив, и луѓето би требало да знаат дека неговиот роден крај секогаш ќе го памети, изјави директорот на Комисијата за историски истражување во Ла Патернал, Алберто Перез.

Споменикот е поставен до стадионот на Аргентинос јуниорс, каде што Марадона ја почна фудбалската кариера, и тој е олицетворен со дрес од неговиот матичен клуб.

Потоа тој играше и за Бока јуниорс, Барселона, Севиља, Наполи (со кој  освои и две титули) и Њуелс бојс. Кариерата ја заврши во Бока во 1997 година. Со својата Аргентина го освои Светското фудбалско првенство во 1986., и играше во финалето четири години подоцна. Од 2008. до 2010. беше и селектор на националниот тим.

Некогашната фудбалска ѕвезда не присуствуваше на свеченото откривање на споменикот.