Со подмладен состав на „Трофеј Карпати“

113
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во женскиот ракомет ситуацијата воопшто не е розова и затоа е потребен посериозен ангажман, истакна меѓу другото претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, на вчерашниот УО на РФМ

Меѓународен ракометен судија Димитар Митревски беше назначен за нов директор на македонската машка ракометна репрезентација на вчерашната втора седница на управниот одбор (УО) на Ракометната федерација на Македонија (РФМ). Меѓу другото, на седницата беа усвоени извештаите за работата и резултатите на сениорските и на репрезентациите од младите категории во машка и во женска конкуренција, а исто така беше презентиран планот за подготовки на машката сениорска репрезентација за претстојното Европско првенство (ЕП), во Австрија, Норвешка и во Шведска.

– Стратегиски добро се движиме, направивме голема работа и ги завршивме квалификациите на најдобар начин. Би било одлично ако го реализираме подмладувањето и го задржиме континуитетот од учества на ЕП и СП. Треба да бидеме свесни дека целата оваа стратегија е тежок процес – истакна селекторот Данило Брестовац, кој поради клупските ангажмани на искусните репрезентативци и турнирот „Трофеј Карпати“ ќе го одигра со „младата селекција“, со која тестираше за време на неделата на ЕХФ.

– Поради големата минутажа во клубовите каде што играат, капитенот Кирил Лазаров, Дејан Манасков и Борко Ристовски ќе ѝ се приклучат на репрезентацијата на 2 јануари во Скопје, а исто така и репрезентативците од Бундес-лигата, оти нивните натпревари завршуваат на 29 декември. Независно од нивното отсуство, првиот собир репрезентацијата ќе го има на 21 декември со играчите од поширокиот состав, кои на 28 и 29 декември ќе ги бранат боите на Македонија на турнирот „Трофеј Карпати“. На 2 јануари заминуваме за Словенија, каде што ќе бидеме од 2 до 9 јануари и ќе ги финишираме подготовките. На 3 јануари ќе играме со Словенија, на 5-ти со Црна Гора, а на 9-ти заминуваме за Виена – истакна Брестовац.

ЕП за Македонија започнува на 10 јануари со дуелот против Украина, а потоа следуваат мечевите со Чешка (12 јануари) и со Австрија (14 јануари), во рамките на групната фаза, во која двете најдобропласирани селекции продолжуваат во следната фаза. 


Мукаетов: Мора брзо да се реагира во женскиот ракомет

Не можам да изразам задоволство од резултатите на женските национални тимови во моментот. Знаеме дека брзо ќе дојде 2022 година и од тој аспект апелирам за поголема активност, дури ако треба и вклучување помош од наша страна. Во женскиот ракомет ситуацијата воопшто не е розова и затоа е потребен посериозен ангажман. Мора да направиме база, не е во прашање само ЕП што доаѓа. Ова е незадоволителна ситуација, мора да се преземе нешто порадикално, заклучи Мукаетов.
Македонија во 2022 година заедно со Црна Гора и со Словенија ќе биде организатор на ЕП за жени, на кое како домаќин ќе треба да има достојна улога.