Со победа, Македонија ќе влезе во фотофиниш за пласман на ЕП?

1016
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со победа над Словенија в четврток, црвено-жолтите не само што ќе влезат во сериозна трка за директен пласман на ЕП 2020 туку ќе ја направат и крајно неизвесна групата Г, па по седум кола, теоретски, во конкуренција за првите две места би можеле да бидат четири или пет репрезентации, секако, во зависност и од резултатите на другите средби

Македонската фудбалска репрезентација се наоѓа пред ретка можност да остане во трка за пласман на големо натпреварување на три кола пред крајот на циклусот квалификации. Македонија в четврток ја пречекува Словенија во 7. коло од квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) в година, а по шест кола Словенија е втора на табелата во групата Г, со три бода повеќе од Македонија. На ЕП ќе се пласираат по две најдобри репрезентации од секоја од 10-те квалификациски групи.

Со победа над Словенија, црвено-жолтите не само што ќе влезат во сериозна трка за пласман на ЕП 2020 туку ќе ја направат и крајно заплеткана и неизвесна групата Г, па по седум кола да се влезе во своевиден фотофиниш (како во атлетиката, на пример, каде што со помош на видеотехнологија се одредува победникот при израмнета трка), оти теоретски така во трка за првите две места би можеле да бидат четири или пет репрезентации, секако, во зависност и од резултатите на другите средби.

По шест кола во групата Г за пласман на ЕП 2020 води Полска со 13 бода, а потоа следуваат Словенија со 11, Австрија со 10, Македонија и Израел со по осум и Летонија без бодови. Во седмото коло, покрај дуелот Македонија – Словенија, на програмата в четврток се и средбите Летонија – Полска и Австрија – Израел.

Со победа Македонија ќе оствари и подобар скор во дуелите со Словенија (во март во Љубљана беше 1-1) и така ќе има предност при евентуално ист број бодови по 10. коло во групата Г.

Слично е израмнета и групата Е, во која има пет репрезентации, води Хрватска со 10 бода, пред Словачка и Унгарија со по девет, а Велс има шест бода и еден меч помалку.
Македонија досега со Словенија во Скопје одигра два меча, двата пријателски и во двата победи Македонија, прво со 2-0 во 1994 година, а потоа со 3-2 во 2012 година. Вкупно македонската селекција е поуспешна од Словенија во меѓусебните дуели, оти има три победи и по едно реми и пораз, со вкупна гол-разлика 10-5.
Македонската репрезентација треба да се собере в понеделник, а првиот тренинг е од 18 часот.


Постигнати се 100 гола на гости, сега на ред е 150-от дома

Македонската фудбалска репрезентација заклучно со мечот со Летонија во 6. коло од квалификациите за пласман на Европското првенство во 2020 година постигна рамно 100 гола на гости, од првиот натпревар одигран на 13 октомври 1993 година, со Словенија (пријателски дуел, победа со 4-1), во Крањ. В четврток, пак, на дуелот со Словенија, во седмото коло од квалификациите за ЕП 2020, македонските репрезентативци се на прагот на уште еден мал јубилеј, 150-ти гол на домашен терен. Досега црвено-жолтите ги треселе противничките мрежи 149 пати.


Ангеловски: Мечот со Словенија ќе биде нашето најдобро издание

Селекторот Игор Ангеловски го објави списокот со фудбалери на кои смета за дуелот со Словенија во Скопје и три дена подоцна со Полска на гости, во квалификациите за пласман на Европското првенство в година. По повредата на Дарко Велковски, во репрезентацијата е повикан Кристијан Тошевски, а се враќа Стефан Ристовски.
– Списокот речиси во целост е ист како за претходните натпревари. Велковски отпадна поради повреда, а ги чекаме последните медицински наоди за Енис Барди, за да знаеме дали може да биде на располагање. Во националниот тим се враќаат Ристовски и Тошевски, а Егзон Бејтулаи нема да го имаме за дуелот со Словенија поради три жолти картони. Мечот со Словенија ќе биде нашето најдобро издание, затоа што за нас ова е многу важен натпревар, но истовремено и натпревар во кој ќе уживаме. Самите се доведовме во ситуација да се надеваме на висок пласман во групата и ќе направиме сѐ за да го постигнеме тоа. Може да победиме само ако сме како тим и ако играме како што знаеме. Словенија сите мечеви ги одигра речиси со истите фудбалери. Истото тоа го практикуваме и ние, менуваме само кога имаме повредени. Очекувам рамноправна и борба на секој дел од теренот. Верувам во овие фудбалери – изјави Ангеловски.