Со новиот систем на бодување Македонија варира околу 69-то место

65

Според пресметките на специјализирани интернет-страници, македонската селекција треба да биде на 68-то место на листата за ноември, како што беше и во октомври, што е малку подобро од просечниот пласман, откако од август лани ФИФА има ново бодување за својата ранг-листа

Македонската репрезентација на ноемвриската листа би можела да го задржи 68-то место, позицијата што ја имаше во октомври во рангирањето на Светската фудбалска федерација (ФИФА), според пресметките на специјализирани интернет-страници за сочинување листа во живо. ФИФА треба да го објави новото рангирање на 28 ноември.

Црвено-жолтите во ноември загубија од Австрија, со што, според истите пресметки, загубија 8,43 бода, и го победија Израел, за што добија 10,97 бода, што вкупно е плус од 2,54 бода на салдото од минатиот месец, па се очекува Македонија да има вкупно 1.347 бода.

Со 68-то место и со овие бодови засега македонската репрезентација е над својот годишен просек, кој е околу 70-то место и 1.341 бод, како и над просекот од август минатата година (69-то место), кога беше воведен новиот систем на бодување за одредување на ранг-листата на ФИФА. Македонија годинава беше на 68-то место во април, двапати на 71-то, по еднаш и на 69-то и на 73-то, а бодовите варираа од 1.333 до 1.350.

ФИФА пред повеќе од една година го смени начинот на бодување, а на својот сајт, меѓу другото, за новиот систем вели: „Оваа нова верзија е именувана како ’сума‘, бидејќи се потпира на додавање/одземање поени од претходната вкупна сума, а не се базира на просечните поени од мечевите во одреден временски период, како во претходната верзија на рангирањето. Поените што се додаваат или се одземаат, делумно се определени од релативната сила на двата противника, вклучувајќи го и логичното очекување дека тимовите повисоко во рангирањето треба подобро да играат против тимовите пониско во рангирањето“.

Колку за илустрација Летонија, која е 143-та, ја победи Австрија, која е 25-та и за тоа, според пресметките, освои 21,5 бод и би можела да скокне пет места на новото рангирање.

ФИФА помалку значење им дава на пријателските натпревари, а поголемо на официјалните, а особено големо на светските и на континенталните првенства. Така, пријателските натпревари имаат коефициент 10, мечевите во групната фаза од Лигата на нациите 15, дуелите од квалификациите за ЕП, како и на фајналфорот на Лигата на нациите имаат коефициент 25, средбите на ЕП и на СП до четврт-финалето се со коефициент 35, финалето на ЕП 40, а мечот за титула на СП има коефициент 60. 


ПЛАСМАНИ И БОДОВИ НА ЛИСТАТА НА ФИФА
2018 ГОДИНА
август 70 1.336
септември 68 1.344
октомври 68 1.338
ноември 68 1.343
декември 68 1.343
2019 ГОДИНА
февруари 71 1.343
април 68 1.350
јуни 73 1.333
јули 71 1.333
септември 69 1.339
октомври 68 1.344
Извор: ФИФА
претпоставениот пласман за ноември е 68. место со 1.347 бода, според пресметки на специјализирани интернет-страници