Солскјер по 20 години повторно се враќа на „Ноу Камп“

82

На Манчестер јунајтед кој пред 20 години на Ноу Камп, во финалето на Лигата на шампиони (ЛШ) го совлада Баерн со 2-1, не му се даваат многу шанси за натамошен прогрес во пресметката со Барселона, по поразот дома од 0-1. Но тие беа во полоша ситуација во минатата, осминафинална рунда против ПСЖ кога на „Олд Трафорд“ загубија со 0-2, а потоа во реваншот возвратија со 3-0 и го шокираа францускиот првак. Тешко е да се очекува слична разврска, но во фудбалот се можни секакви изненадувања.

Во 1999-та, Манчестер јунајтед се „врати од мртвите“ и извесниот пораз го претвори во голем триумф, постигнувајќи два гола во судиското продолжение. Победоносниот гол го даде сегашниот менаџер, Норвежанецот Оле Гунар Солскјер, кој влезе во игра во 81. минута на местото на Енди Кол.

– Тоа беше финален натпревар, друг противник, Баерн. Не сум сентиментален, ова сега е поинаков тест, треба да бидеме концентрирани, а како инспирација треба да ни послужи реванш-мечот со ПСЖ, но и некои победи на гости на други тимови – вели Солскјер, кој во минатите 20 години само двапати бил на „Ноу Камп“, еднаш како навивач со помладиот син и неодамна за да ја „шпионира“ Барса.

Солскјер вели дека ниту еднаш не ја одгледал комплетната снимка од тој финален меч, односно ги гледал само последните 15 минути и голот, се разбира. Вели и дека жали што го пропуштил почетокот на славјето поради ТВ-интервјуто што до давал.
Како и да е, сѐ освен пласман на Барселона во полуфиналето, особено по победата на гости, ќе биде големо изненадување. Барса го има Лионел Меси (сезонава веќе даде осум гола во ЛШ), има резултатска предност, игра на свој терен и пред своја публика, во серија е од 12 меча без пораз на домашен терен во нокаут-фазата во ЛШ (10 победи и две ремија). Барса е и во серија до 30 меча без пораз дома во ЛШ (27 победи и три ремија), а последниот пораз го претрпи во септември 2013 г.

Јувентус во Ториного го пречекува Ајакс со кого ремизираше во првиот меч во Амстердам (1-1) и од кого нема загубено на домашен терен (три победи и две ремија). Ајакс има забележано само две победи на последните 13 меча против Јувентус, последен пат во 1974 година. Статистиката не е на страната на Ајакс кога станува збор за дуелите со Јувентус, но треба да се знае дека сезонава во ЛШ (започнаа од квалификациите) загубија само еден од 15-те меча, од Реал (1-2) во осминафиналето, на кого во реваншот му наплатија со камата за поразот, победувајќи го со 4-1.

Јувентус и Ајакс имаат одиграно две финалиња во КЕШ/ЛШ. Во 1973-та, Ајакс триумфира со 1-0, а во 1996-та Јувентус возврати победувајќи со 4-2, на пенали.
За „старата дама“ ова е 19-ти настап во четврт-финалето, а ефектот е 12 победи и пласмани во полуфиналето, односно шест елиминации. На новиот стадион на кој се пресели во 2011-та, Јувентус бил поразен на само три од 37-те меча (22 победи и 12 ремија) во ЛШ.