Смртта, даноците и головите на Диего Коста против Арсенал

1524
Коста го постигнува одлучувачкиот гол

Менаџерот Арсен Венгер предупредуваше за опасноста од Диего Коста, навивачите на лондончани стравуваа од него, а Арсенал не успеа најде решение за одличниот фудбалер, чиј гол го одведе Атлетико Мадрид во финалето на Лига Европа, по реваншот од полуфиналето против „топчиите“ 1-0, одигран вечерва во Мадрид (вкупни 2-1 во двомечот).

Коста го постигна неговиот четврти гол во седум одиграни средби против Арсенал, откако претходно трипати погоди додека го носеше дресот на лондонски Челси. Тој беше стрелец во судиското надополнување на првото полувреме, по асистенција на Антоан Гризман.

„Коста, секако. Зошто некој е изненаден?“, „Смртта, даноците и Диего Коста постигнува гол против Арсенал“ (работи кои се сметаат за извесни – н.з.), гласат дел од коментарите на англиските навивачи на „Твитер“. Дел од симпатизерите на Арсенал му се потсмеваа и на Хектор Белјерин, кој безуспешно се обиде да го спречи Коста при постигнувањето на погодокот.

Ова беше и последен меч во европските купови за Арсен Венгер како менаџер на Арсенал. Искусниот француски стратег најави дека на крајот на сезонава ја напушта функцијата, по 22 години поминати во англискиот клуб.

Во финалето, Атлетико Мадрид ќе се сретне со Марсеј, и покрај поразот на францускиот клуб од австриски Салцбург со 1-2 по продолженија (вкупен резултат од 3-2 за Марсеј во двомечот).

Натпреварот за трофејот е закажан за 16 мај во Лион.