Скок од две места на Македонија на листата на ФИФА?

87

Македонската репрезентација би можела да напредува за две места на септемвриската ранг-листа на Светската фудбалска федерација (ФИФА), според пресметките на специјализирани интернет-страници за пресметка на поените за ова рангирање.

Така, Македонија во двата натпревара од квалификациите за пласман на Европското првенство во 2020 година освоила 5,8 поени и за новата листа што треба да биде објавена утре би имала 1.338,8 поени за пласман на 69-то место, две погоре од претходното рангирање на ФИФА, објавено во јули.

Според формулата на ФИФА, Македонија за ремито на гости со Израел загубила 1,12 поен, а за победата над Летонија, исто така, на гости освоила 6,92 поени.
На врвот на листата не требало да има промени, па ќе води репрезентацијата на Белгија, но сега пред Франција и пред Бразил, кои, според пресметките, би си ги замениле местата. Англија треба да остане четврта, Португалија на петтото место би ја заменила позицијата со Уругвај, кој би требало да биде шести, на седмото треба да скокне Шпанија, пред Хрватска и Колумбија, а Аргентина би останала на 10-то место.
На листата на ФИФА има вкупно 211 репрезентации од целиот свет.