Голгетерите го соборија рекордот на ЛШ

761

Сезонава веќе е најефикасна според просекот голови, 3,17 по меч (секои 27 минути по еден), а дури до финалето и да не биде постигнат ниту еден гол, просекот ќе биде подобар од досегашниот рекорд од 3,04 гола по средба

На голгетерски „распеаниот“ фудбалски меч од полуфиналето на Лигата на шампионите (ЛШ) помеѓу Ливерпул и Рома беше поставен и новиот рекорд во бројот на постигнати голови во една сезона на елитното клупско натпреварување на Европа. Пред вчерашниот меч Баерн – Реал стрелците во ЛШ сезонава веќе постигнаа 384 гола, четири повеќе од досега според просекот најефикасната сезона, минатата, 2016/2017.

Првиот гол на Роберто Фирмино, четврти на мечот за Ливерпул, беше 381-от, со што за еден гол беше надминат рекордот во ЛШ. Потоа беа постигнати уште три гола, еден од Ливерпул и два од Рома. Со 384-те гола на 121 меч сезонава во ЛШ просекот е неверојатен, 3,17 гола по натпревар. Сезонава голови беа постигнувани секои 28 минути. Минатата сезона заврши со просек од 3,04 гола по натпревар (секој половина час по еден гол). Дури и ако до финалето сезонава (вкупно четири меча) не биде постигнат ниту еден гол просекот ќе биде подобар од досега рекордниот и ќе изнесува 3,07 (по еден гол секои 29 минути игра).

До вчера Кристијано Роналдо (синоќа неговиот Реал гостуваше кај Баерн во полуфиналето на ЛШ) постигна 15 гола сезонава, што е околу четири отсто од сите голови и е на добар пат да го собори неговиот и европски рекорд од 17 гола во една сезона на ЛШ, поставен во сезоната 2013/2014.
Сезонава веќе е поставен рекорд според просекот на голови по меч, но нема да биде надминат вкупниот број голови во една сезона во ЛШ. Во изданието од 2000/2001 беа постигнати 449 погодоци, но тоа беше „само“ 2,86 гола по натпревар, затоа што беа одиграни 157 натпревари (се играа две групни фази).

НАЈМНОГУ ГОЛОВИ СЕЗОНАВА
Клубови
Ливерпул      38
ПСЖ             27
Реал Мадрид 26
Играчи
К. Роналдо   15
Салах          10
Фирмино      10