Седум отпаднаа, во трка за титулата се 11 тима

183

По првата недела од Интернационалниот куп на шампионите води Борусија, а од тимовите со барем два одиграни меча само Јувентус е без пораз

Борусија Дортмунд, Ливерпул, Баерн и Манчестер сити ги завршија настапите со одигрување на трите меча во Интернационалниот куп на шампионите во фудбал, со променлив успех. Борусија освои седум бода, Ливерпул шест, а Баерн и Манчестер сити по три и тие немаат шанси да триумфираат во шестото издание на натпреварувањето.
Интернационалниот куп е серија пријателски средби пред почетокот на новата сезона во Европа, со учество на 18 клуба од Европа. Натпреварувањето ќе трае до 12 август, а се игра во девет земји на три континента.

Секој тим во тие три меча ќе собира бодови и потоа ќе се формира табела според која ќе биде прогласен шампионот. За победа се доделуваат три бода, за победа на пенали два, за пораз на пенали еден, а нема бодови за пораз во регуларно време од мечевите.
Од тимовите што одиграа барем два меча без пораз е само Јувентус, со една регуларна и една победа на пенали. Третиот меч на Јувентус е против Реал Мадрид. Според тоа кој колку бодови може да освои во преостанатите мечеви од годинашното натпреварување, шампиони можат да бидат Борусија, Јувентус, Арсенал, Тотенхем, Барселона, Атлетико, Челси, Милан, Интер, Лион и Реал Мадрид.
Од 18-те клуба, во новата сезона на Лигата на шампионите на Европа сигурно ќе играат 14.