Севилја ги казни промашувањата на Јунајтед за да стигне до ново финале во Лига Европа

147
Лук де Јонг го слави победничкот гол за Севилја

Фудбалерите на Севилја се пласираа во финалето на Лига Европа откако славеа против Манчестер јунајтед со 2-1, казнувајќи ги бројните промашувања на англиската екипа во вечерашниот меч одигран во Келн.

Манчестер јунајтед стигна до водство преку голот на Бруно Фернандеш од пенал во 9-та минута, но Шпанците направија пресврт преку Сусо во 26-та минута и резервистот Лук де Јонг кој го постигна решавачкиот погодок во 78-та минута.

Составот на Оле Гунар Солскер може да жали за бројните пропуштени прилики меѓу кои се издвојуваат оние на Мејсон Гринвуд и на Антони Марсијал. На голот на Севилја блескаше Боно, кој доби прилика меѓу стативите во завршницата од сезонава, откако во поголемиот дел беше резерва. Англиската екипа имаше проблеми со реализацијата на последните две средби во Лига Европа, во кои против Севилја и Копенхаген постигна по еден гол од пенал, преку Фернандеш, наспроти тоа што имаше вкупно 46 удари (20 во полуфиналето и 26 во четврт-финалето) од кои 21 беше во рамките на голот.

За Севилја ова ќе биде шесто финале во Лига Европа/Купот на УЕФА, со што во претходните пет наврати го освојуваше трофејот (во 2006, 2007, 2014, 2015 и во 2016 година). Искусниот играч за врска Евер Банега е единствениот во составот на шпанската екипа кој беше дел од тимот при последниот триумф во натпреварувањето.

Севилја во финалето ќе се соочи против подобриот од утрешниот дуел помеѓу Интер и Шахтер (од 21 часот). Финалето е закажано за петок.