Свети Икер Касилјас се збогува со фудбалот

64

Касилјас, кој беше член и капитен на „шпанската армада“ што ги освои првата титула светски првак во Јужна Африка 2010 и двете европски титули во 2008 и 2012 година, реши да се пензионира на 39- годишна возраст

Икер Касилјас, легендарниот чувар на мрежата на Шпанија и долгогодишен капитен, со одиграни над 1.000 натпревари за Реал, Порто и за репрезентацијата на Шпанија (настапил на 167 натпревари!), се збогува со фудбалот на 39-годишна возраст. Касилјас беше член и капитен на „шпанската армада“ што ги освои првата титула светски првак во Јужна Африка 2010 и двете европски титули во 2008 и 2012 година. Тој освои и повеќе титули на клупско ниво, со Реал и со Порто, а крајот на кариерата го објави пред неколку дена на социјалните медиуми.
– Најважни се патот по кој патувате и луѓето што ве придружуваат, а не дестинацијата до која ве носи. Можам да кажам, без двоумење, оти за мене тоа беше пат и дестинација од соништата. Ова е еден од најважните денови во мојот живот, во исто време многу тежок во кариерата. Време е за збогување со фудбалот – напиша Касилјас на Твитер за пензионирањето.

Најголемиот дел од кариерата Касилјас ги мина во Реал, чиј гол го бранеше на 725 натпревари (1999-2015), кога по претходните недоразбирања со тогашниот тренер Жозе Мурињо, потоа и со претседателот Флорентино Перез, реши да замине во Порто. На прес-конференцијата со солзи во очите, тој им се заблагодари на навивачите за „безусловната поддршка“, иако во претходната сезона тие честопати го исвиркуваа. Но не кажа ништо за претседателот на клубот Флорентино Перез, со кого односите исто така се влошија.
– Тој трпеше голем психолошки притисок, а тие со него се однесуваа поинаку од другите играчи. Го гледав како страда многу години. Флорентино го избрка затоа што Икер сакаше кариера во Реал – изјави неговата мајка Мари Кармен, обвинувајќи го Перез, кој тоа го негираше.
Светиот Икер, како што некои го нарекуваа поради неговата скромност и честитост, доживеа срцев удар лани во мај на тренинг и оттогаш не настапуваше. Во февруари годинава објави дека има намера да се кандидира за претседател на Шпанската фудбалска федерација, пред да ја повлече кандидатурата поради коронавирусот.
Реал му оддаде почит на поранешниот голман, кого го смета за најдобар во 118-годишната историја.

– Реал сака да ѝ се заблагодари на една од најголемите легенди на нашиот клуб, но и на светскиот фудбал. Касилјас е срцето на Реал и така ќе биде засекогаш – објави шпанскиот гигант на официјалната интернет-страница.
Последните информации се дека Касилјас е во завршни разговори за враќање во Мадрид, во Реал, за да му биде специјален советник на претседателот Перез, кој се смета дека е еден од одговорните за неговото заминување од клубот! 


Меси: Икер си обезбеди место во фудбалската историја

По објавата на Твитер се огласија голем број поранешни соиграчи и колеги на Касилјас, од Серхио Рамос, Андрес Иниеста, до Џанлуиџи Буфон, потоа клубови и други, кои му оддадоа почит на еден од најдобрите голмани во модерната ера.
– Икер се пензионира, но тој си обезбеди место во историјата на фудбалот уште поодамна. Не само затоа што беше репер во Ла лига туку и затоа што успеа да освои речиси сѐ на меѓународно ниво. Тој беше спектакуларен голман и навистина беше тешко да му се даде гол. Но гледајќи наназад, исто така, мислам дека тоа беше доста убаво ривалство – изјави Лионел Меси за весникот АС по повлекувањето на Касилјас. 


Интернационална и клупска кариера

Касилјас има учествувано на четири СП, 2002, 2006, 2010 и 2014 година. Беше светски шампион во Јужна Африка 2010 и добитник на признанието „златна ракавица“ во 2010-та. Двоен европски шампион, во 2008 и 2012 година. Освојувач на трето место на СП до 17 години во Египет 1997 и светски првак на СП до 20 години во Нигерија 1999 година.
На клупско ниво беше светски првак, освојувач на два интерконтинентални купа, на три титули во Лигата на шампионите (ЛШ), на два суперкупа на УЕФА и на пет титули во Ла лига, на два „кралски“ купа и на четири шпански суперкупа, со Реал, плус две титули првак, еден Куп и еден Суперкуп на Португалија, на голот на Порто.