Саудиските милијарди и катарското писмо отворија нов фронт во војната преку посредници

500

Војната преку посредници помеѓу Саудиска Арабија и Катар се прошири во англиската Премиер-лига, откако катарска телевизиска компанија бараше блокирање на саудиското преземање на Њукасл, пишува „Њујорк тајмс“.

Компанијата „БеИН медиа груп“ која ги има телевизиските права за емитување на мечевите од Премиер-лигата, испрати писмо до сите 20 тимови во Премиер-лигата и до нејзините водечки луѓе, со цел да ги одврати од зделката за Њукасл.

„Беин груп“ со поддршката на спортски организации ширум светот ја обвини Саудиска Арабија за поттикнување на софистицираната пиратерија која ги подрива нејзините скапи телевизиски права преку преземање на нејзиниот сигнал. Нејзиниот тригодишен договор од 500 милиони долари, ја претставува втората највредна странска спогодба за емитување на Премиер-лига.

Двете богати држави се фатени во костец во низа на политички и економски спорови, предизвикувајќи тензии на Блискиот Исток. Меѓусебните односи се влошија во 2017 година кога Саудиска Арабија предводеше регионален бојкот кон Катар, обвинувајќи го богатиот со гас емират за поддршка на тероризмот, преку критикување на пријателскиот однос со Иран.

Писмата потпишани до водечкиот човек на „БеИн“, Јусеф Ал-Обаидли, би можеле да ја претворат Премиер-лигата во ново бојно поле за двете држави.

Операцијата за пиратерија позната како „БаутКју“, која независните истражители ја поврзаа со Саудиска Арабија, е најголемата во историјата на спортот. Нејзина цел се најзначајните спортски настани, од кои телевизиските преноси за голем дел беа продадени на „БеИн“, најголемиот купувач на права за емитување на спортски настани.

Во рамките на операцијата, преносите на „БеИН“ беа емитувани преку регионалниот сателитски оператор „Арабсат“ чиј најголем инвеститор е Саудиска Арабија, а сигналот на „БеИн“ беше преземен со логото на „БаутКлу“.

– Зошто ова е важно? Не само што потенцијаниот купувач на Њукасл предизвикал голема штета во комерцијалните приходи на вашиот премиерлигашки клуб, туку наследството на нелегалниот сервис ќе продолжи да има влијание и понатаму. Кога Премиер-лигата ќе продолжи во наредните месеци, сите емитери на натпреварувањето ќе бидат достапни на нелегален начин – напиша Ал-Обаидли во писмото до клубовите.

Во септември, истрагата финансирана од ФИФА, две од нејзините конфедерации и група на најсилните европски национални првенства вклучувајќи ја Премиер-лигата, заклучи „без сомнежи“ дека „Арабсат“ имал клучна улога во пиратската операција. Напорите за решавање на спорот се изјаловија откако адвокатските фирми во Саудиска Арабија одбија да ги претставуваат погодените спортски организации.

Малку информации во врска со продажбата на Њукасл беа објавени јавно, додека бројот на објави за неминовната зделка се зголеми во изминатата недела. „Волстрит џурнал“ кон крајот на јануари откри дека имало разговори помеѓу непопуларниот сопственик на Њукасл, Мајк Ешли, и група предводена од англиската бизнисменка Аманда Стeјвли, во која, според наведеното, најголем инвеститор со удел од 80 отсто претставува Јавниот инвестициски фонд на Саудиска Арабија.

Уште има скептицизам за договорот поради вклученоста на Стејвли и нејзината консултантска фирма „Пи-си-пи капитал партнерс“, која со години се провлекува низ гласините дека е на чекор за купување на Њукасл. Потенцијалниот влез на Саудиска Арабија во Премиер-лигата стана предмет на расправа, додека за поголемиот дел од навивачите на Њукасл можноста за смена на непопуларниот сопственик Ешли е добредојдена.