Сари со победа ја почна сезоната во Челси

107

Челси славеше победа над Хадерсфилд на гости со 3-0, со што Маурицио Сари стана деветтиот менаџер на Челси по ред, вклучувајќи ги и привремените, што не е поразен на дебито во Премиер-лигата

Челси со новиот менаџер, Италијанецот Маурицио Сари, со убедлива победа на гости над Хадерсфилд ја почна годинашната кампања во англиската Премиер-лига. Сари, кој е 10-от менаџер на „сините“ во последните 10 години, и покрај релативно лесно извојуваната победа по мечот најави дека ќе бидат потребни два до три месеци, додека неговиот тим заигра на потребното и посакувано ниво, според неговите замисли.

– Јас не сакам да создавам втор Наполи, сакам нешто ново со Челси. Морам да ги испочитувам карактеристиките на фудбалерите, добро да ги простудирам, а секако влијание на сѐ ќе има и лигата, која е поинаква од италијанската. Победивме, тоа е добро, но ќе треба да промениме нешто во играта, да се браниме подобро уште на противничката половина и да ја додаваме топката побрзо – вели Сари.

Тој е деветтиот менаџер на Челси по ред, вклучувајќи ги и оние привремените, што не е поразен на дебито во Премиер-лигата. Последниот пораз го доживеа Аврам Грант во септември 2007-та, од Манчестер јунајтед, 0-2.

За разлика од претходникот во Челси, Антонио Конте, кој претпочиташе систем со тројца центархалфови во последната одбранбена линија, Сари се реши за поконзервативната формација, 4-3-3, која се покажа како добитна формула.
Во тимот на Сари вниманието најмногу беше насочено кон младиот 23- годишен голман, Кепа Аризабалага за кого пред неколку дена Челси на Атлетик му плати, рекордни за голман, 80 милиони евра. Кепа немаше многу работа на тој меч и може да биде задоволен што на премиерниот меч не прими гол.

Бразилецот со италијански пасош, Жоржињо, со кого Сари соработуваше три години во Наполи по што го донесе со себе во Лондон, исто така имаше успешно деби, забележувајќи 93,9 отсто точни додавања. Жоржињо го постигна вториот гол, од пенал во 45-та минута, и тоа беше 10-ти успешно изведен удар за него од белата точка од 11-те обиди, на натпреварите во петте најсилни лиги во сите конкуренции, за три тима, за Верона, Наполи и за Челси. 


Мурињо и Почетино може да здивнат

Успешен почеток во новата сезона имаа и двата фаворита за висок пласман, Манчестер јунајтед и Тотенхем, победувајќи ги Лестер и Њукасл со по 2-1. Жозе Мурињо не ја криеше огромната радост поради победата на Јунајтед, небаре ја освоиле титулата, а треба да се спомене дека во таа победа мал удел имаше и судијата, кој им досуди дискутабилен пенал уште во втората минута. Најдобар во победничкиот тим беше Пол Погба, кој дава гол на 11 премиерлигашки меча што ги добива неговиот тим, со што се израмни со Рајан Бабел, поранешниот играч на Ливерпул.

Тотенхем беше целосно неактивен на трансфер-пазарот летово, не купи и не продаде ниту еден играч, и е првиот клуб што сторил такво нешто од 2003 година па наваму, откако е воведен сегашниот формат на преодниот рок. Но и покрај тоа Тотенхем се враќа со три бода од Њукасл каде што трите гола беа постигнати по 18 минути игра и по трите упатени удари на двата гола!

Резултати, прво коло: Манчестер јунајтед – Лестер 2-1, Њукасл – Тотенхем 1-2, Хадерсфилд – Челси 0-3, Вулверхемптон – Евертон 2-2, Борнмут – Кардиф 2-0, Фулам – Кристал Палас 0-2, Вотфорд – Брајтон 2-0.
Вчера играа Ливерпул – Вест Хем, Саутемптон – Барнли и Арсенал – Манчестер сити.