Сантос: Пет години сме речиси неуништливо семејство

146

Португалија победи во Лигата на нациите и тоа е втор голем европски трофеј за таа земја, која е актуелен континентален шампион од ЕП 2016. Португалија
и е првата европска селекција која слави како домаќин на едно финале на големо меѓународно натпреварување, по Франција на СП 1998

Португалија е првиот победник на новововеденото натпреварување на Европската фудбалска унија (УЕФА), Лигата на нациите, откако во финалето во неделата ја победи Холандија со 1-0, во дуелот одигран во Порто (Португалија). Третото место го освои Англија, која на пенали ја победи Швајцарија (0-0 по 120 минути игра, 6-5 на пенали).

Ова е втор голем европски трофеј во низа за Португалија, која е актуелен континентален шампион од Европското првенство во 2016 година во Франција.
– Минативе пет години сме речиси неуништливо семејство, кое знае што е способно да направи. Знаевме дека можеме да победиме во финалето – рече селекторот Фернандо Сантос.

Португалија е првата европска репрезентација која слави како домаќин на едно финале на големо меѓународно натпреварување, по Франција која го победи Бразил со 3-0 во финалето на Светското првенство во 1998 година. Холандија, пак, загуби четири од последните пет финалиња на големите меѓународни турнири (три на мундијалите и сега во Лигата на нациите).

Португалија, репрезентацијата што триумфира во финалето на Лигата на нациите, освен што е првиот победник во ова натпреварување, го доби сребрениот пехар и парична награда од 7,5 милиони евра. Но победникот нема обезбедено место на финалниот турнир на Европското првенство во 2020 година.

Португалија, како и преостанатите учесници на фајналфорот, Швајцарија, Холандија и Англија, за такво нешто ќе треба да се изборат преку европските квалификации што се во тек. Во случај да изгубат, ќе добијат нова шанса на новиот фајналфор-турнир во март 2020-та за најдобрите во лигата А (тогаш ќе се играат плејофите и во другите три лиги, Б, Ц и Д, во кои загарантирано место има и Македонија).

Доколку, пак, потенцијалните учесници на фајналфор-турнирите во лигите А, Б, Ц и Д се пласираат на ЕП 2020 преку квалификациите, на тој нов фајналфор-турнир во секоја лига ќе играат репрезентации што не обезбедиле пласман на ЕП низ квалификациите, а ќе бидат одредени според вкупниот пласман во Лигата на нациите.