„Самураите“ ги урнаа предвидувањата на папагалот Оливија

151

Предвидувањата на папагалот Оливија, за кој Јапонците веруваат дека може да ги погоди резултатите на нивната фудбалска репрезентација, не се остварија, на радост на навивачите во земјата на изгрејсонцето, откако ја популарните „самураи“ ја совладаа фаворизираната Колумбија со 2-1 во првиот меч од групата Х на Светското првенство (СП) во Русија. 

Јапонија славеше со головите на Шинџи Кагава од пенал во шестата минута и на Јуја Осако во 73-та минута, додека Хуан Кинтеро беше стрелец за Колумбија, од слободен удар во 39-та минута. Азиската репрезентација играше со фудбалер повеќе од четвртата минута, откако Карлос Санчез доби директен црвен картон поради намерно играње со рака во шеснаесетникот на Колумбија, по што беше досуден и пенал за Јапонија.

Птицата која живее во резерватот за животни во Точиги, северно од Токио, прогнозираше победа на Колумбија, бирајќи го знамето на Јужноамериканците.

– Се надеваме дека таа избра погрешно. На папагалот му беше потребно подолго време за да избере па се надеваме дека мечот ќе биде изедначен – кажа Нозоми Оикава, која се грижи за птицата, во пресрет на мечот.

Осако го постигнува победничкиот гол

Ова е ретка грешка на 13-годишната птица која претходно успешно предвиде шест од седумте резултати на женската селекција на Јапонија на Светското првенство во 2015 година, односно погоди пет од седумте исходи на Летните олимписки игри во Рио во 2016 година.

Успешноста во предвидувањето на резултатите на Оливија, сепак, не може да се спореди со познатиот октопод Пол од Германија, кој го привлече вниманието на медиумите откако успешно ги погоди победниците на седумте мечеви на германската репрезентација на Мундијалот во 2010 година, а потоа и победата на Шпанија над Холандија во финалето.

Полска и Сенегал ќе се сретнат попладнево, во вториот меч од групата Х на СП 2018.