Сампаоли повеќе не е селектор на Аргентина

217

Хорхе Сампаоли повеќе не е селектор на аргентинската фудбалска репрезентација, откако со челниците на Аргентинскиот фудбалски сојуз договори раскин на договорот, што на 58 годишниот тренер ќе му донесе два милиони долара, јавија денеска аргентинските медиуми.

Сампаоли имаше договор со Сојузот до 2022 година, а официјалното раскинување на договорот би требало да се случи утре.

Под негово водство Аргентина успеа да се квалификува на Мундијалот во Русија, но екипата предводена од Лео Меси и други ѕвезди не успеа да ги исполни очекувањата на нацијата.

Аргентина беше поразена од Франција во осминафиналето со 4:3.

Сампаоли најголемите тренерски успеси ги постигна со репрезентацијата на Чиле од 2012 до 2016 година. Под негово водство Чилеанците во 2015 година ја освоија Копа Америка, а Сампаоли истата година беше прогласен за најдобар тренер на тоа натпреварување, како и за најдобар тренер на Јужна Америка, а беше и меѓу кандидатите за тренер на годината во изборот на ФИФА.